Повеќе бизниси во светот, поточно тие кои функционираат на Windows од Microsoft, во текот на денешниот ден беа погодени од проблем со нивните компјутери што доведе до скоро целосно прекинување на работата.
Погодени се повеќе сектори, а најмногу проблеми можеа да се видат очекувано кај авиосообраќајот, но тука се и болниците, банките, неколку медиуми, ланци за храна и слично.
Според информациите, причина за падот на системите е безбедносниот софтвер CrowdStrike, поточно Falcon Sensor сервисот од компанијата кој е сервис базиран во „облакот“ и функционира во вистинско време за заштита од малициозен софтвер и слично.
Ажурирана верзија од софтверот е таа која го има предизвикано проблемот кој го има погодено целиот оперативен систем, односно Windows, за кого се пријавува од дел од бизнисите дека и целосно не бил функционален со појава на познатиот „BSOD – Blue screen of death“.
За проблемите секако запознаени се двете компании кои активно работат на нивното решавање, но поради потребата секој компјутер посебно да биде вратен во употреба се очекува да помине доста време, односно можеби и денови.
Од CrowdStrike како дел од својата изјава за потврда на проблемот истакнаа дека погодени се само Windows клиентите на нивниот софтвер, а тие на Mac и Linux немаат проблеми.