Има многу телефони и таблети кои дозволуваат брзо запишување на забелешки преку дигитално пенкалце, но чувството и натаму не е како да пишувате на хартија. За традиционалистите, односно сите оние кои и натаму користат исклучиво хартија за запишување на кратки забелешки, Wacom има ново пенкалце наречено Bamboo Spark, кое истите тие зборови потоа ги пренесува во вашиот паметен телефон.
Пенкалцето на прв поглед е стандардно и има дури и мастило во него и доаѓа со посебно тефтерче со хартија во него. Сепак, разликата во однос на мастилните пенкала кои ги користиме веќе подолго од еден век е што овие забелешки можат лесно да се пренесат дигитално на смартфон, исто како што сте ги напишале на артијата! Вака, ќе бидете сигурни дека нема никогаш да ги загубите и уште подобро, секогаш ќе ви бидат при рака.
Самото пенкалце може да зачува до 100 страни (збор по страна) пред да биде поврзано со паметниот телефон за да се испразни. Bamboo Spark се поврзува преку Bluetooth и веднаш по поврзувањето почнува да ги префрла сликите. Да, сликите, бидејќи се зачувуваат во .jpg формат, што значи дека ќе им пристапувате преку апликацијата за гледање фотографии. Секако, има можност и за прикачување на фотографиите онлајн, на „облак“, но како што јавуваат од Gizmodo, тука се зачувуваат фотографии со помала резолуција.
Извор: Gizmodo