Минатата недела, поточно во вторник, Apple го одржа нивниот септемвриски настан на кого ги претстави наредните генерации од iPhone, iPhone 17, iPhone 17 Pro, како и новиот и тенок iPhone Air.
Како и секогаш, на овој настан се претставуваат уште неколку производи кои се директно поврзани со iPhone уреди, па ги видовме и трите нови Apple Watch уреди, како и AirPods Pro 3.
Од компанијата сепак имаат уште доста производи за претставување, а дел од нив ќе ги видиме уште во октомври, додека дел од нив до идната пролет.
Марк Гурман ги набројува производите кои ќе бидат претставени, па со оглед на неговиот углед, верувам дека информацијата може да се смета за точна.
Во октомври изгледа ќе го видиме претставувањето на iPad Pro со М5 чипот, а Apple и минатата година новата генерација од нивниот чип прво ја претстави во таблет компјутерот, пред MacBook.
За оваа верзија Гурман најавува додавање на втора камера на предната страна, односно по преместувањето на камерата на страна, сега камера ќе има и за во портрет позицијата.
Наскоро ќе бидат претставени и Vision Pro 2, како и AirTag 2, кои ќе донесат одредени подобрувања, а за Vision Pro се истакнува дека сепак поголеми новини ќе добие во 2027 година.
Apple TV уредот ќе дојде со понов чип, како и со новиот N1 чип од Apple за безжична комуникација, а Гурман најавува и додавање на Apple Intelligence во форма на новата верзија од Siri која се очекува идната пролет.
Слична на надградбата на Apple TV се очекува да биде и надградбата на HomePod mini звучникот.
За почетокот на следната година се најавуваат и лаптоп компјутерите да го добијат М5 чипот, па претставени ќе бидат MacBook Pro со M5, а нешто подоцна и MacBook Air со М5.
Тоа што посебно привлекува внимание е најавата за претставување на нов монитор, а Гурман најавува дека двата модели ќе добијат нова верзија.
Потоа следи претставувањето на iPhone 17e, а треба да го видиме и првиот производ наменет за паметниот дом направен за Apple Intelligence. Овој производ требаше веќе да биде претставен, но е одложен поради проблемите со развојот на Siri.
Гурман во објавата прво говори и за враќањето на Apple кон дизајнот на производите, нешто што е цел на критика изминатите години, а посебно со заминувањето на Џони Ајв од компанијата, како и повеќе други вработени со тек на време.