Дефинитивните очекувања се дека Apple ќе претстави верзија од iPhone која се преклопува, односно се претвора во помал таблет, идната година. Со оглед на бројот на неофицијални информации досега, мислам дека со голема сигурност можеме да го очекуваме овој уред.
Останатите веќе се стигнати до своите седми генерации од ваквите уреди, па е доста типично за Apple да чека додека може да претстави подобар производ, односно производ без недостатоците кои морале да ги поминат тие кои порано решаваат да влезат на пазарот.
Тоа што се очекува дека ќе биде „решено“ во случајот со iPhone Fold, сега се истакнува ова име, е линијата која се појавува на местото на превиткување на екранот. Наводно Apple чекале додека оваа линија веќе нема да се гледа или истата ќе биде скоро незабележлива.
На тоа треба да се додаде и малата дебелина на уредот, нешто што веќе стана стандардно и кај другите производители.
Кратко кажано, се очекува дека првата верзија од iPhone Fold ќе биде на нивото на поодминатите верзии од конкурентите, стандардно за компанијата.
Сепак, доколку најновата гласина за големината на екраните кај iPhone Fold се покаже како точна, јас воопшто не би го земал во предвид овој уред за купување.
Според оваа гласина, уредот би имал 7,8 инчен внатрешен екран, што не е лошо, но надворешниот екран би бил само 5,5 инчи. За споредба, „помалите“ телефони во денешно време доаѓаат со 6,1-6,3 инчни екрани.
Една од главните маани на првите генерации од некои од конкурентите беше неможноста уредот да се користи како класичен смартфон, поради големите рамки, тесниот екран и слично.
Со други зборови, доколку iPhone Fold е замислен во главно да се користи отворен, тој не може реално да замени користење на смартфон.
Што се однесува до цената, сега се најавува дека овој уред би се продавал по цена од 1800-2000 долари, намалување од претходно најавените 2000-2400 долари.
Има време до наредниот септември, за кога се очекува претставувањето на овој уред, па ќе видиме што точно ќе претстават од Apple.