За оние кои не знаат, Lytro е производителот кој стои зад камерите кои имаат посебни Light Field сензори и на кои може да им се смени фокусот откако ќе ја сликнете фотографијата. Проектот не беше особено успешен, но момците од Lytro имаат друга идеја за нивниот Light Field систем – виртуелна реалност.
Според креаторите, новата Immerge камера ќе овозможи исклучително реално виртуелно видео, кое едноставно не е возможно со другите решенија, како она на Google и GoPro. Камерата се состои од густо поставени Light Field сензори, кои во исто време ја снимаат целата околина во 360 степени.
Ова треба да овозможи многу пореално искуство при вртење на главата доколку носите VR уред, како на пример Oculus Rift, поради тоа што нема да има грешки во „паралаксата“, односно искривувања на полето поради врзувањето на повеќе слики од повеќе камери одеднаш.
Исто така, благодарение на природата на сензорите, корисникот ќе може да избере меѓу пет различни нивоа на фокус при создавањето на филмот и според тоа да ги стави дополнителните елементи и ефектите во вистински 3D простор и тие да изгледаат реално, односно како да се дел од видеото.
Камерата секако ќе доаѓа со цел сервер во кој ќе се зачувува и обработува VR видеото, бидејќи истото зафаќа многу, многу повеќе простор отколку стандардното 4K видео. Исто така, Lytro развива специјален “plugin” за Final Cut Pro и Adobe Premiere Pro, со помош на кој ќе може да се обработи целото видео (ако имате доволно моќен компјутер, секако).
И да, самото тоа што ќе треба да користите вакви програми за да го обработите видеото, кажува дека Immerge камерата ќе биде наменета за професионалците. Засега, се уште не е позната цената, но би предвидел дека може да биде повеќе од неколку илјадници евра. Immerge треба да биде достапна во првите три месеци на наредната година.