Слабиот век на траење на батериите на модерните паметни телефони ги натера производители на батерии да размислуваат надвор од конвенционалното, па така, на пазарот сме веќе преплавени со преносни полначи со вградени батерии, односно полначи на соларна енергија и дури и на водород. Сепак, најновото решение на eZelleron, кое се вика Kraftwerk се чини е најлудото досега, бидејќи за производство на електрична енергија користи течен нафтен гас (ТНГ), односно кај нас добро познатиот плин.
eZelleron ќе се обиде да го популаризира производот и да собере средства за нивно производство преку “Crowdfunding” проект, со иницијална цел од собирање 500.000 долари, кој е веќе надминат. Според малкуте информации кои ги имаме засега, уредот ќе може да работи на плин од запалка, или пак на автомобилски плин и ќе биде целосно безбеден за употреба, односно ќе биде дозволен дури и во авион. За целосно да се наполни му требаат само 3 секунди, додека со едно полнење плин ќе може да наполни 11 iPhone-и, или пак 6-7 Samsung Galaxy S5 смартфони, што се прилично импресивни бројки.
Убавината кај ова решение е што воопшто не зависи од надворешен извор на електрична енергија. Едноставно, користи горивни ќелии, кои со согорувањето на плинот создаваат струја, која потоа се користи за полнење на уредите. Исто така, многу е помал и полесен од литиум јонските батерии – полначи со ист капацитет, а се полни за исклучително кратко време. Уредот користи и извор на енергија кој е лесно достапен во повеќето продавници, во вид на мала боцичка.
eZelleron Kraftwerk треба да биде лансиран во Декември оваа година, додека првите уреди треба да стигнат до корисниците во Февруари 2016 година. Цената на уредот е 99 долари.
Извор: Engadget