Механичките тастатури кај многумина корисници и не се многу познати, но кај оние кои често работат или играат на својот компјутер се скоро неизбежни. Das Keyboard е еден од брендовите кој нуди најквалитетно, премиум искуство при пишувањето на тастатура, а нивниот нов модел може да се поврзе и на „облак“ и има неколку паметни можности.
Како и сите гејмерски тастатури и оваа има целосно RGB осветлување – корисникот може да избере боја на секое копче посебно. Но, персонализацијата не завршува тука. Благодарение на можноста да се поврзе на „облакот“, Das Keybaord 5Q има неколку паметни можности, како на пример покажување нотификации.
Да, знам дека многумина од вас веќе имаат два до три уреди кои може да прикажуваат нотификации, како на пример паметниот телефон, таблетот и/или лаптопот, но зошто да не може да го направи тоа и тастатурата? Исто така, доколку имате некој итен email и сте заиграни во некоја игра, не би сакале тоа што побрзо да го видите?
Das Keyboard 5Q ќе ви го овозможи тоа на начин на кој вие ќе посакате. На пример, можеби ќе го специфицирате копчето “E” да свети црвено кога ќе ви стигне порака од „шефот“ на работа. Или пак од вашата девојка. Во кој и да било случај, копчето ќе светне во бојата која сте ја избрале веднаш што ја добиете пораката. И да, преку специјалната Q-app апликација можете да специфицирате и повеќе копчиња, кои може да прикажат дури и мало зборче или пак капацитетот на работа на процесорот… Можностите се неограничени и се е оставено на вашите побарувања и имагинација.
Самата тастатура инаку има Gama-Zulu механички копчиња, кои се пред се наменети за помеко пишувачко искуство. Das Keybaord 5Q моментално е Kickstarter кампања и според досегашниот тек на настаните, лесно ќе ги собере потребните средства за да ја видиме на пазарот (100.000 долари). Цената на финалниот продукт ќе биде 109 долари, што и не е многу за една механичка тастатура. Поточно, не можам да се сетам на многу поевтини механички тастатури, макар биле и без вакви паметни можности.
Извор: TechRadar, GHacks, Kickstarter