Независно каква музика слушаме, мора да признаеме едно нешто – сите сакаме бас. Многу бас. Сепак, проблемот е што за добар бас треба прилично моќна аудио опрема, а доколку пак слушаме на слушалки, не можеме да го почувствуваме басот на нашето тело, туку го слушаме само во ушите, што секако е само половина доживување.
Basslet е специјална алка која ќе овозможи да го почувствувате басот од музиката што ја слушате на вашите слушалки, каде и да одите! Алката е целосно бесшумна за надворешниот свет и може да се синхронизира со музиката што ја слушате на вашиот паметен телефон преку Bluetooth и специјален адаптер кој се става меѓу слушалките и 3,5 милиметарскиот приклучок.
Потоа, алката предизвикува вибрации со фреквенција од 10-250 Hz кои телото може да ги почувствува со многу сличен интензитет како што го чувствува басот во диско клубовите на пример. Да, со овој уред, конечно ќе може да го почувствувате басот што го слушате на слушалките и тоа не само во ушите. Basslet има вградена батерија која може да издржи 6 часа со едно полнење, што е веројатно и повеќе од доволно за слушање музика надвор од дома.
Lofelt, стартап компанијата која стои зад оваа интересна алка, вели дека LoSound технологијата која се наоѓа во оваа алка, наскоро може да се вградува и во други уреди, кои би можеле особено голема примена да најдат во гејминг индустријата. На пример, оваа технологија би можела многу добро да се искористи при играњето во виртуелна реалност, а како начин играчот да може да го почувствува она што го гледа.
Извор: TechCrunch, Wired, Lofelt