Како што се очекуваше, на вчерашниот „Awe dropping“ настан од Apple, беше претставена и третата генерација од нивните слушалки, AirPods Pro 3. Овие слушалки добиваат прилично добра надградба, а стануваат и независна фитнес алатка која изгледа е наменета за корисниците кои немаат Apple Watch.
AirPods Pro 3 го добиваат најмалиот, како што истакнуваат од компанијата, сензор за пулс со што корисниците ќе можат да ја добијат оваа информација на iPhone без потреба од Apple Watch, посебно корисно кога се вежба.
Покрај мерењето на пулсот, AirPods Pro 3 стануваат уште поинтересни со можноста за мерење на повеќе од 50 различни видови на вежби од страна на корисникот, со што повторно се поставува прашањето дали Apple тука ги „таргетира“ корисниците без Apple Watch.
Втората поголема новина која е дел од AirPods Pro 3 е функцијата за превод во вистинско време, односно „Live Translation“. Како што можеше да се види на самата презентација, корисниците ќе можат да слушаат превод во вистинско време, а слушалките паметно ќе го засилат придушувањето на бучавата за да може да се чуе подобро преводот.
Прашањата од страна на корисникот се прикажуваат на iPhone, а по избор истите можат да бидат и гласовно кажани.
AirPods Pro 3 доаѓаат и со дупло подобар систем за активно придушување на бучавата, нешто што е дури 4 пати подобро во споредба со првиот модел. Покрај подобриот систем за активно придушување, голема разлика прават и новите „гумички“ од слушалките кои сега се направени со материјал како пена.
Ова овозможува подобро прилагодување во увото, со што и пасивната изолација е доста подобра.
Apple исто така најави дека AirPods Pro 3 се редизајнирани, а тоа е направено врз основа на скенирање на повеќе од 10.000 уши. Формата на слушалките е малку изменета и направена да подобро се погоди на формата на ушите на корисниците.
На крајот, новите слушалки доаѓаат и со подолго траење на батеријата, до 8 часа слушање на музика, со што ова веќе станува доста добро време.