Скоро сите имаме во домовите безжични рутери кои испраќаат електромагнетни бранови низ воздухот и со тоа пренесуваат сигнал. Како што знаеме WiFi сигналот се одбива од тврди предмети и се распоредува во просторот во зависност од неговата форма и распоредот на предмети.
Една група истражувачи користејќи две базни станици за безжичен сигнал, го искористија овој систем за да откријат колку луѓе има во одреден простор. Поконкретно, ги поставиле овие две станици на двете страни од просторија од 70 метра квадратни, и со прилично голема успешност успеале да утврдат колку точно луѓе имало во неа. Истражувањето се правело додека луѓето се движеле низ просторијата, бидејќи така се создаваат прекршувања во безжичните зрачења.
Кога се движат луѓе низ просторијата тие ги раскршуваат зрачењата и тоа на различен начин по средината и кон ѕидовите. Користејќи го овој принцип истражувачите успешно утврдиле до 9 луѓе во една просторија, со мали грешки. Сепак, системот не е безгрешен и кога се движеле повеќе луѓе поенергично во помал простор се постигнала помала прецизност на утврдување.
Очигледно WiFi сигналот може да се користи и за други намени место само за праќање мрежен и Интернет сообраќај. Ваквата интересна употреба на безжичниот сигнал ќе може да се искористи на пример во запалени објекти во кои треба да се дознае дали се` уште има луѓе внатре, каде се и колку се на број.
Дополнително, може да се користи за автоматска контрола на термостати кои би го регулирале греењето и ладењето во однос на тоа колку луѓе има во одредена просторија, или пак за автоматско палење на осветлувањето.