Вештачката интелигенција се повеќе станува дел од секојдневниот живот на луѓето. Крајната цел е истата во голема мера да го замени човекот, особено во делот на асистивни технологии. За таа цел потребно е да се направи компјутер кој ќе биде способен да размислува.
Лидер во овие напредни истражувања е американската агенција DARPA, која го финансирала проектот на IBM за креирање на чип под име TrueNorth, кој ќе има структура налик на човечки мозок. Проектот е започнат пред повеќе години, но истиот конечно вродил со плод минатата година. Оваа напредна архитектура на чип, кон крајот на минатата година и официјално се разгледува да биде комерцијализирана.
Идејата е, овие чипови да се користат во мобилните уреди, со цел да ги оспособат истите за препознавање на говор и интерпретирање на слики во реално време. Во овој момент овие сервиси, се извршуваат во облак, поради големата процесирачка моќ која е потребна за извршување на истите. Новите чипови се очекува да овозможат овие сервисите кои се извршуваат во облак, да може да се извршуваат на самиот телефон.
Која е предноста и кои се можностите на овој чип налик на човечки мозок може да согледаме доколку ги знаеме спецификациите на TrueNorth чипот. Се работи за чип кој е изграден врз DARPA SyNAPSE метриките за еквивалент на човечки мозок, имплементирајќи еден милион процесори налик на неврони. И покрај големиот број на невронски процесори, чипот троши помалку од 70 mW, а е способен да изврши 46 милијарди синаптички операции во секунда, по ват.
Намалената потрошувачка на енергија се должи и на користењето на 28nm технологија на Samsung. Користењето на постоечките програмски јазици се во голема мера неефикасни за можностите кои ги има TrueNorth чипот. Новата архитектура и новиот начин на кој „размислува“ овој чип ги водело научниците да дефинираат и нов програмски јазик со нови библиотеки. TrueNorth има паралелна, модуларна, флексибилна архитектура, која работи во хибриден синхрон-асинхрон мод, што е сосема нов начин на обработка на податоците. Овие перформанси се постигнати со имитирање на биолошките карактеристики на мозокот и на работата на невроните, преку генерирање на архитектура која ја минимизира потрошувачката на енергија, но ја зголемува ефикасноста.
Следната цел на истражувачкиот тим е креирање на чип кој интегрира 4096 помали чипови во структура која ќе брои 4 милијарди неврони и 1000 милијарди синапси, а ќе троши само 4kW.
Повеќе информации: MIT TR, IBM, Wikipedia
Фото: IBM