shutterstock_224751568

Кој е главниот ограничувачки фактор во брзината на работа на денешните електронски уреди, процесорот? Сепак не. Ова неславно место го зазема меморијата. Имено, без разлика дали вие ќе употребите 3 или 30 гигахерцен процесор, ако меморијата не може да постигне да префрла податоци со таа брзина – во основа џабе е брзиот процесор.

Научниците подолго време работат на таканаречна фотонична меморија која ќе овозможи запишување на податоци со огромна брзина. Изгледа дека конечно им успеа, бидејќи еден тим од универзитетите од Минстер, Карлсрухе и Ексетер предводени од професорот Хариш Баскаран успешно демонстрираше ваква меморија.

Нивната меморија се базира на материјал наречен GST (состав: Ge2Sb2Te5; истиот материјал кој се користи за запишување на меморија во CD и DVD дисковите) и со помош на фотонски пулсеви може да му се менува посебната состојба на различните составни делови на кристалната решетка, на пример од подредена во случајна форма или од кристална во аморфна.

Овој принцип може да се искористи за складирање на 1 и 0, основната информациона инфраструктура на компјутерите.  Оваа меморија е трајна, што значи дека кога ќе се изгаси енергијата таа останува во состојбата и „памти“ што има запишано, но може да се промени во тек и не останува фиксна како на погоренаведените дискови.

Воедно, дополнително помага тоа што со еден фотонски пулс во исто време може да се читаат и запишуваат податоци, што го зголемува протокот двојно и повеќе (во зависност од материјалот и начинот на градење на пулсниот сигнал).

Се надеваме дека наскоро ќе бидеме сведоци на развивање на оваа технологија која ќе ги замени досегашните тврди дискови и RAM мемории со далеку побрза и попостојана меморија која нема да го „гуши“ процесорот.

Извор: IFLScience, ScienceMag

Претходна статијаNASA потврди – на Марс има знаци за вода во течна состојба
Следна статијаSeeed RePhone – Kickstarter проект за модуларен телефон