NTU Assoc Prof Chen Xiaodong with research fellow Tang Yuxin and PhD student Deng Jiyang

Покрај фактот што технологијата за батерии не е унапредена на доволно ниво за денешните потреби со години, батериите имаат уште неколку други маани. Нивниот век на траење не е нешто посебно голем, а исто така нивното полнење обично се мери во часови. Денешните литиум јонски батерии во просек имаат можност за околу 500 полнења пред да почне да им се намалува максималниот капацитет.

Поради овие факти корисниците на мобилни телефони, кои што денеска ретко доаѓаат со можност за промена на батеријата, купуваат нови модели секои две години. Често се случува причината за купување на нов телефон да е лошата батерија на уредот, а не незадоволството од работата на самиот уред. Исто така, популарноста на електричните автомобили станува се поголема, па сопствениците имаат дополнителни трошоци за менување на батериите во нивните автомобили. Кога се работи за електричните автомобили треба да се земе во предвид и долгото време потребно да се наполни батеријата, која што има многу поголем капацитет од тие на мобилните, а колку време ги чекаме нив.

Истражувачите од Nanyang Technology University (NTU) имаат развиено батерија која што ќе ги реши овие проблеми, односно тие поврзани со векот на траење и времето потребно за нивно полнење. Што се однесува до нивниот капацитет, останува да чекаме на подобри времиња.

Истражувачите со промената на графитот од кој што е направена анодата кај батериите, со гел материјал направен од титаниум диоксид, имаат постигнато многу поголем век на траење на батериите, како и брзина на нивно полнење. Вака направените батерии можат да издржат до 10.000 полнења пред да почнат да го намалуваат нивниот максимален капацитет. Исто така, тие можат да бидат наполнети до 70% за само две минути на полнење.

Титаниум диоксидот кој што се наоѓа во сферична форма, е променет од страна на истражувачите во мали нано цевки со големина 1.000 пати помала од дијаметарот на човековото влакно. Ова ги забрзува хемиските реакции кои што се случуваат во батериите со што се овозможува брзото полнење.

Поради фактот што овој начин на правење на батериите не бара нови материјали и технологија, а исто така и трошокот не е голем, се очекува тие да почнат да се користат од страна на производителите во наредните неколку години.

Овие батерии најмногу ќе направат промена во автомобилската индустрија, односно кај електричните автомобили кои што сепак се поскапи од мобилните телефони.

Извор: Engadget, PCWorld, NTU

Претходна статијаGoogle Chrome бета за Android вклучува Reader Mode за полесно читање на веб страните
Следна статијаDarma паметната перница ќе ве потсети да станете и подобро да седите на вашето столче
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.