700_1811ef87a7cbfa313d0488e4b462e93a

Кога ќе ги прашате повеќето како се создаваат деца и каде растат, прво веројатно ќе се насмеат засрамено, а потоа ќе ви одговорат дека истите растат во женското тело (ако зборуваме за човечки деца, секако). Еден мал дел од научниците сепак можеби ќе се замислат и нема да ви одговорат баш така.

Имено, научниците од Токио, Јапонија успеаја да создадат прва верзија на таканаречената вештачка матка. Тие техниката која се користи во оваа вештачка матка ја нарекуваат екстраутерусна фетална инкубација (EUFI). Засега вештачката матка е тестирана на фетуси од коза. Истражувачите ги земале ваквите фетуси и ги сместиле во овој „аквариум“, каде ги поврзале со кислородизирана крв. „Аквариумот“ го наполниле со вештачка течност налик плодната вода на температура изедначена со телесната.

Според нив, ваквото достигнување е навистина значајно. Засега докторите во случај на потреба успеваат да го скратат потребниот рок за држење на плодот во мајката, но сепак тој мора да остане одреден период и да расте внатре. Со ваквиот развиток се овозможува развивање на фетусот надвор од нејзе, во случај ако има одредени пореметувања кои можат да ги стават на ризик мајката и бебето. Без разлика што овој експеримент е изведен на фетуси од коза, секако покажува дека истото е изведливо со човекови фетуси.

Инаку, вештачката плодна вода во оваа матка е полна со кислород и е редовно вентилирана. Нејзината функција, како и на природната, е да овозможи плодот да се движи, да биде заштитен од надворешни удари како и да ги развива своите системи за дишење и за јадење.

Ваквиот развиток е само зачеток на можностите. Напредокот во технологијата на вештачка матка веројатно ќе донесе до изведлив систем на целосно вештачко растење на човечки и животински плод. Покрај тоа што нешто слично на ова ние имавме шанса да го видиме во филмот Матрикс (каде беше прикажано дека луѓето се растени во фарма на вештачки матки), веројатно можете да си замислите какво олеснување би било ова за оние луѓе кои сакаат, но не можат да најдат сурогат мајка за своите деца.

Докторите би можеле и значително полесно да извршат некои „исправки“ кај фетусот или предпородилни операции за да отстранат некои дефекти кои понатаму би можеле да предизвикаат многу негативни последици. Останува да се надеваме дека жените ширум светот нема да се почувствуваат маргинализирано поради тоа што една машина им ја зема една од најбитните функции во општеството – создавањето на нов живот.

Извор: Earthwareone, New York Times

Претходна статијаОбразованието ќе влезе во својот нареден стадиум преку технологијата
Следна статијаFogo – батериска ламба за авантуристи, опремена со повеќе додатоци