Онлајн учењето зема се поголем замав во развиениот свет, а неговиот натамошен развој и експанзија е уште поважен за помалку развиените земји, каде што онлајн учењето е далечен поим, а постоечкото образование е најчесто неквалитетно.

Прераснувањето на нашето општество во дигитално веќе ги прави новите ученици, средношколци и студенти технолошки добро потковани и тие немаат поголеми тешкотии во употребата на комплицирани апликации и програми кои секојдневно ги користат. Овие технолошки вештини се круцијални во (р)еволуцијата на образованието која се одвива пред нашите очи, а чие главно оружје се онлајн платформите за учење како Coursera, Udemy, edX и многу други.

Додека се случува оваа тектонска промена во светското образование, ние чекориме во обратен правец. Онлајн учењето е далечен концепт, барем во традиционалните факултети во државава, а тие факултети што сакаат да иновираат со воведување на нови образовни концепти во своите програми, наидуваат на низа бирократски пречки кои им штетат на краток, но и на долг рок. Меѓутоа, секој поединец може да одбере да се образува користејќи ги гореспоменатите платформи.

За трансформацијата на образованието на широко пишува и Бил Гејтс. Во 2015 година тој ја опишува иднината на образованието во која врвно образование е достапно за секој што сака да учи. Гејтс замислува иднина во која учениците ќе си го трасираат својот кариерен пат уште од мали нозе, а ваквиот начин на образование дополнително ќе избави многу деца од сиромаштија:

Пред детето да започне основно училиште, тоа ќе може да користи smartphone за да научи броеви и букви, давајќи му голема предност уште од старт. Софтверот ќе може да препознае кога тоа ќе има проблеми со материјалот за учење и ќе може да се приспособи на неговото темпо на изучување. Тоа ќе соработува со наставниците и другите ученици на многу побогат начин.

А се чини, онлајн образованието зема голем замав и низ Европа, иако првичниот впечаток е дека најголемиот дел од студентите кои учат на овој начин се по потекло од САД. Клариса Шен од Udacity, посочува на меѓународната димензија која е присутна на нивната платформа:

Нашиот фокус досега беше на САД, но дури и без многу концентриран напор, 60 проценти од нашите студенти се меѓународни … Имавме студенти кои победија во наптревари за програмирање организирани од страна на мултинационални компании во Африка како резултат на вештините што ги стекнале учејќи некои од нашите курсеви … Во Бразил, им помогнавме на Google и други технолошки компании да организираат meet-ups за студентите кои сакаат да научат нови технолошки вештини и на кои им беа понудени совети за тоа како да развијат кариера во технолошкиот сектор.

Конвергенцијата на вештини, технологија и иновативност во иднина несомнено ќе придонесе кон зголемување на квалитетот на образованието. Земете го предвид фактот дека едноставни апликации за смартфон и пишувањето СМС пораки со употреба на мобилен телефон придонесоа кон тоа да се зголеми писменоста на жените во Авганистан. Елон Маск и други претприемачи и технолошки компании веќе напорно работат да овозможат интернет конекции за најсиромашните земји, со што тие ќе имаат пристап до истите ресурси како и луѓето во развиениот свет.

Иднината јас ја гледам во мешавина на моделите на традиционалното образование и современите платформи за онлајн учење кои земаат се поголем замав. Вака студентите и учениците ќе се стекнат со темелите на знаење во областа која одбрале да ја учат, а истовремено ќе можат да се насочат кон некоја потесна област која ја разгорува нивната имагинација, и во која сакаат подлабоко да „нурнат“ и да наоѓаат решенија за комплексни проблеми. Зошто на студентите да не им бидат признаени кредити стекнати преку некоја од платформите за онлајн учење, учејќи предмети кои не се составен дел од курикулумите на нивните матични факултети? Се разбира, одговорот на ова прашање не е толку едноставен како што се чини на прв поглед, но е насока во која треба да размислуваме.

Претходна статијаОткриен дел од мозокот кој е одговорен за луцидно сонување
Следна статијаСоздадена е првата вештачка матка во Јапонија