wilson-smart-basketball

Преку следењето на процентот на реализација на шутот во кошарката лесно може да се направи увид во предностите и слабостите на еден играч. За таа цел потребно е да се следат и собираат податоци, од кои потоа статистичарите би можеле да извлечат значајни карактеристики и насоки за индивидуално подобрување.

Во насока на подигнување на нивото на аналитика, производителот на спортска опрема Wilson, го претстави концептот Smart Basketball, кој е дизјаниран за обезбедување детални повратни информации за перформансите на еден спортист.

Новата технологија на Wilson користи сензори вградени во топката, со можност истите да се поврзат со паметен телефон, преку соодветна апликација. Со ова се овозможува континуирано следење на бројот на шутеви од различна позиција на теренот, како и процентот на реализација на истите.

На крајот на една тренинг сесија, кошаркарот може да направи увид во успешноста на шутевите за два и три поени, како и за оние од линијата за слободдни фрлања. Апликацијата овозможува и мапирање на делови од теренот каде спортистот е поуспешен, и на делови каде треба повеќе да тренира.

Компанијата Wilson сепак не е првата која пробала да занимава со оваа проблематика. Минатата година компанија наречена 94Fifty, исто така правеше напори за користење на сензори, меѓутоа разликата е во тоа што концептот Smart Basketball е надграден со сензори кои се поставуваат на обрачот. Овие сензори овозможуваат регистрирање на погодените и промашените обиди.

Сега за сега, од Wilson не откриваат повеќе детали од аспект на функционирањето на технологијата, меѓутоа она што е познато е дека во равојот на овој концепт е вклучена и компанија од Финска наречена SportIQ која е специјализирана за спортска анализа.

Очекувањата се дека до крајот на 2014 година оваа технологија ќе биде достапна за комерцијална употреба.

Претходна статијаКампања за јавно собирање средства за Novena Open лаптоп
Следна статијаПотврдена е можноста за пресретнување на сигурносни информации со Heartbleed