Ian Burkhart кој што сега има 23 години, за време на неговата прва година на факултет има доживеано несреќа при скокање во вода. Тој не знаел дека во делот од водата каде што скокнал со главата надоле е плитко и при тоа го крши ‘рбетниот столб, поточно одредени пршлени на него, по што останува парализиран од лактите надоле. Иако медицината има доста напредната во последните 50 годни, сепак ваквите повреди на ‘рбетниот столб се’ уште не можат успешно да се лечат.
Меѓутоа истражување од страна на The Ohio State University Wexner Medical Center и непрофитната медицинска група Battelle ќе му даде можност на Ian, како и на други пациенти, во иднина да ја вратат подвижноста на парализираните делови до одреден степен. Истражувачите од овие институции развиваат метода наречена Neurobridge, која што во основа овозможува заобиколување на повредениот ‘рбетен столб и пренесување на сигналите од мозокот до неподвижните делови од телото.
Neurobridge е систем составен од мал чип, компјутерски софтвер, како и електронски ракав кој што се поставува на неподвижниот дел од телото. Чипот е со големина на леќа за очи и е потребно да биде вграден во делот од мозокот одговорен за движењето на рацете или нозете. Чипот се вградува во мозокот преку посебна операција и овозможува брзо закрепнување. Информациите кои што ги испраќа мозокот се пренесени до компјутерот преку овој чип, по што се декодирани, односно се открива нивното точно значење. Потоа информацијата се испраќа со електронскиот ракав кој што преку вградените електроди овозможува придвижување на конкретните мускули.
Како што можете да видите од видеото на кое што е прикажано првото тестирање на овој систем, Ian ги помислува движењата кои што сака да ги направи, по што неговите прсти и рака почнуваат да се движат. Се разбира овој систем не овозможува враќање на чувството на пациентот, односно не се работи за метода која што овозможува лекување на повредени делови, туку само еден начин на функционирање на човекот во ваква ситуација.
Извор: Mashable, Ohio State University