Изгледа дека не сме само ние тука на СмартПортал „будали“ кои постојано предупредуваат на опасносите од синтетичката (вештачка) интелигенција (ВИ). Во едно отворено писмо напишано од илјада (!) истражувачи во полињата на ВИ и роботика, тие јавно предупредуваат за опасноста од целосно автономна вештачка интелигенција, која во иднина ќе може да управува воени и полициски роботи со недопирлива прецизност и способности.
Писмото е потпишано од многу водечки мислители во полето на ВИ, роботика, философија, етика, футурологија, технолошки напредок и сингуларитет и други, а меѓу нив се наоѓаат: Стивен Хокинг, Елон Маск, Даниел Денет, Ноам Чомски, Џорџ Дајсон, и уште илјада други.
Според нив, опасноста од започнување трка на вооружување со помош на автономна ВИ е екстремно опасна за човештвото од многу перспективи, и тие бараат интернационална забрана и регулација на користењето и развивањето на вакви оружја (слично на забраните за хемиско, биолошко и нуклеарно оружје, кои досега се успешни и делотворни) пред да се започне со итање кон развивање на вакво оружје од страна на некоја држава или терористичка организација.
Почетокот на писмото го имате преведено во продолжение, а за повеќе можете да го прочитате цело, заедно со потписниците, на следната врска:
Future of Life Institute: Autonomous Weapons: an Open Letter from AI & Robotics Researchers
Автономните оружја ги одбираат и напаѓаат целите без човечко вмешување. Тие можат да вклучуваат, на пример, вооружени квадрикоптери кои можат да пребаруваат и да елиминираат луѓе кои ги исполнуваат одредени предходно-зададени критериуми, но не вклучуваат ракети или далечински пилотирани сонди (дронови) за кои луѓето ги прават сите одлуки за нишанење. Технологијата на вештачка интелигенција (ВИ) достигна точка каде употребата на такви системи е – практично, ако не легално – изведливо во рангот на неколку години, а не декади (наш фокус; заб.), и влогот е голем: автономните оружја се опишани како третата револуција во војувањето, по барутот и нуклеарното оружје. …
За жал, на светот секогаш постојат држави и општества кои размислуваат само за своите потреби, па така В. Британија е против воведување експлицитна меѓународна забрана за ваквите оружја. Да не зборуваме за фактот дека сите тие автоматизирани и полуавтоматизирани роботски оружја ширум светот со раширеноста на Интернетот се достапни за хакирање од страна на некоја супермоќна интелигенција, која ќе може да си ги „позајми“ за свои потреби и да не` пороби или „избрише“ како спам…
Ќе почнеме ли еднаш ние како човештво веќе поозбилно да се занимаваме со етичките перспективи на ВИ, или повторно ќе чекаме да се случат хорори од епски размери слични на Првата и Втората светска војна за да ни дојде паметот (ако воопшто остане жив свет повисок од лебарки до тогаш)?
Извор: RT, The Next Web 1, 2