Сигурно нема некој од нас кој сака игли. Има такви кои кога мора да им извадат крв, се вртат на другата страна, па дури и губат свесност. Вадењето крв во секој случај не е пријатно искуство, особено ако ви го прави некој кој на вас се вежба. По 2-3 обида и испукани вени, конечно ќе успее да ви извади, а вашата рака ќе остане искасапена.
За да се престане оваа неблагородна процедура, а сепак да се овозможи анализа на крвта на пациентите, една компанија финансирана од DARPA создаде нов уред кој ќе може да ви извади крв без употреба на игла. Иако звучи контраинтуитивно, сепак е вистинито. Користејќи вакуум, уредот кој е неколку сантиметри во дијаметар, ќе „ишмука“ крв низ микроскопските капилари кои се наоѓаат на површината на кожата.
Дополнителната позитивна работа со овој уред е што прибавената крв ќе може да ја чува повеќе од десет дена и во него да се сместуваат повеќе примероци од крв, што значи дека ќе можете да прибирате примероци во текот на една недела и да го испратите уредот на анализа, без страв дека ќе се расипат. Засега примероците со крв се пренесуваат до лабораторија на ниски температури за да се избегне токму тоа.
Производот ќе тргне на пазарот од 2016 година и ќе помогне во анализата на крвта кај многу луѓе кои избегнуваат игли, треба да прават редовни или полу редовни крвни анализи и ги следат своите внатрешни состојби. Претходно пишувавме за rHealth, домашниот анализатор на преку 300 болести, па изгледа дека во следната деценија ќе гледаме вистинска револуција на медицината и лекувањето.