Research_Campus_Aerial_Rendering-520x364

Имате идеја за возило без возач управувано од компјутерски систем или за паметни електрични мрежи кои се многу поефикасни од стандардните? Немате каде да ги истестирате без да направите хаварија или да повредите некого? Сега веќе имате.

Во пуст дел на Ново Мексико, на површина од 24 километри квадратни на есен ќе започне со градба нов „град“ кој ќе биде изграден со една цел – тестирање на нови технологии. Во него нема да живеат луѓе, но и покрај тоа тој ќе глуми вистински град. Ќе има улици, најразлични типови на згради, цркви, паркови, симулација на автопат, тесни улици и слично.

Идејата е да се тестираат најновите технологии на беспилотни летала (како тие на Amazon), автономни возила, паметни електрични мрежи, електромагнетни пулсови и оружја, системи за игрификација на разни други системи (како сообраќај), системи за надградена реалност и слично – сето тоа без ризик да се повреди некој човек.

Ова е всушност и главната критика на овој проект бидејќи таквите системи треба да бидат оспособени за функционирање меѓу луѓе кои се често непредвидливи, но од Центарот за иновација, тестирање и проверка (Center for Innovation, Testing and Evaluation) не се согласуваат бидејќи сметаат дека ако е потребно, во било кој момент можат да се „додадат“ луѓе за да се симулира вистинска урбана околина.

Цената за овој проект е почетни 550-660 милиони долари за кои се очекува да се накачат до 1 милијарда дур да се заврши градот до 2018 или 2020 г. Да се надеваме дека ќе има можност за туристичка прошетка низ него, чисто да видиме како изгледа град без жив човек во него. До тогаш, можете да го посетите Припјат со туристичка тура за едно дистописко, постапокалиптично искуство.

Извор: The Next Web, Wired

Претходна статијаGoogle Project Soli – Контрола на било кој уред со помош на радар
Следна статијаGoogle развива паметна облека!