Клапите се дел од авионските крила кои што местејќи се во повеќе позиции/нивоа, помагаат при слетувањето и полетувањето на авионот. Тоа го прават преку зголемување на површината на крилото, како и зголемување на триењето на воздухот од крилото со што се овозможува зголемување на подигањето што го прават крилата, а со тоа и помала брзина на летање. Клапите се поставени на задниот дел од крилото и овозможуваат намалување на брзината на авионот, како и можност за летање со помала брзина што е корисно при полетување и слетување.
Меѓутоа, иако овие клапи си ја вршат работата за која што се наменети, нивниот дизајн е нешто што остава простор за подобрување. Тие, како дел од крилото кое што е фиксно, ја менуваат својата позиција со што оставаат одредени делови низ кои што поминува воздух. Со тоа се намалува аеродинамичноста на крилото, односно се зголемува триењето на воздухот на делови каде што тоа не е потребно, поголем е звукот кој што се испушта, а исто така се зголемува и потрошувачката на гориво.
NASA како дел од The Adaptive Compliant Trailing Edge (ACTE) проектот кој што е направен во соработка со US Air Force, работи на нов дизајн на клапи кои што треба да го решат проблемот на моментално користените. Клапите кои што се изработени и презентирани од овој проект се направени така што се добива впечаток дека крилото е флексибилно на задниот дел и ја менува својата форма. Тие се направени од посебни композитни материјали од страна на FlexSys компанијата која што поседува патент за технологијата.
Клапите направени од флексибилни материјали, ја менуваат својата форма со што ја постигнуваат намената за која што се користат, меѓутоа не оставаат празен простор кој што ја намалува аеродинамичноста на крилото. Тоа е овозможено од флексибилноста на материјалот со што се овозможува свиткување на клапите, наместо нивно менување на аголот како посебен дел од крилото.
Користењето на овие клапи треба да придонесе во намалување на звукот кој што го испуштаат авионите, како и намалување на потрошувачката на гориво од 4 до 12%. Исто така овие клапи се полесни со што се добива помала тежина на крилото, а со тоа и целиот авион.