1-baby

Пред кратко време пишувавме за предвидувањата на Реј Курцвејл кој беше уверен дека до 2099 г. ќе имаме замена за сите биолошки органи и ќе успееме целосно да се пренесеме во виртуелниот свет, ако сакаме. Но за да го оствариме истото треба да поминеме неколку потешкотии во симулирањето и заменувањето на нашите органи со соодветни нивни замени. Многу органи се производ на милиони години еволуција и не е многу лесна работа да се изработат задоволителни или поспособни нивни замени.

Кожата е еден од органите (најголемиот на телото) на која е прилично тешко да и` се направи замена. Но сепак, значаен напредок се прави и во оваа област. Пред некое време пишувавме за создавањето на нова растеглива вештачка кожа која е многу слична на природната и на која може да се сместат сензори, а денес ја пренесуваме веста дека научниците од Јужна Кореа и САД успеале да создадат растеглива вештачка кожа која на себе има сензори за топлина, притисок, влажност и други и тоа со резолуција од 400 сензори по квадратен милиметар.

Идејата позади постигнувањето на ваквите карактеристики на вештачката кожа е да се симулира огромниот број на сензори и нерви кои ја вршат својата работа во природната кожа и кои ни овозможуваат да опипуваме предмети, да читаме Браилова азбука, да пикнеме конец во игла, да осетиме кога ни фали нешто од џебовите и без да гледаме и за многу други намени.

Растегливоста на вештачката кожа која ја направиле научниците се постигнува преку вградување на разни силиконски форми кои овозможуваат таа да се витка и да зазема разни форми, а да не ја изгуби својата функција, што е потребно бидејќи истото го прави и биолошката кожа што ни овозможува да ја виткаме раката или прстите и се` уште да ни работат вградените сензори.

Научниците ја претставија кожата и во варијанта закачена на вештачка рака, на која се навлекува како ракавица. Тоа значи дека истата ќе може да помогне кај луѓе кои ја имаат изгубено својата рака, да им се замени со целосно функционална и осетлива механичка варијанта за кратко време во иднината, продолжувајќи да го остварува технолошкиот оптимизам на Реј Курцвејл.

Извор: MIT Technology Review, Phys.org

Претходна статијаInsights for Office: Полесно пребарување директно од документите на Office Online
Следна статијаApple патентираше ласерски просторен скенер за употреба во iPhone