Претходно веќе пишувавме за технологијата на сончева енергија и како таа се поклопува во плановите за претворање на планетата во самоодржлив енергетски систем кој не се ослонува на фосилните горива. Европската Унија има патоказ на обезбедување сто-постотно ослонување на обновливите извори на енергија до 2050 година.
Еден од главните обновливи извори на енергија е сончевата енергија, која може да се користи во главно на два начина: топлински и фотоволтаично. Проблемот со сончевите панели кои произведуваат електрична енергија, барем досега се сметаше така, е дека не се доволно ефикасни. Најголемата ефикасност досега постигната е 28% додека стандардната ефикасност е 24% на 0 степени целзиусови, и трагични 12% на собна температура.
Сепак, според најновата студија на MIT технологијата на фотоволтаици која постои денес е доволна за задоволување на потребите на човештвото. Главниот проблем е во непостоењето на доволно вложување од сите сектори. Поради непостоењето доволно големо вложување, сончевите панели не се распространети колку што би требало да бидат, а ниту пак има доволно внимание посветено на подобрување на нивната ефикасност.
Според MIT главното влијание позади немањето доволно големо вложување во оваа технологија го имаат државните политики кои не го стимулираат доволно овој сектор – со тоа што имаат големи царински давачки за увоз на технологија, недоволно субвенции, даночни олеснувања и слично.
Со оглед на тоа што за производство на еден киловат енергија од сончеви панели се потребни околу 10 илјади долари влог (за споредба, за еден киловат од јаглен се потребни само 1 илјада), очигледна е пречката на пазарот кој тромаво навлегува и вложува во оваа технологија. Од друга страна, технологијата на концентрирана сончева енергија полека, но сигурно го освојува пазарот со нејзината едноставност и ефикасност, па прашање е која од овие две гранки ќе постане доминантна во изворите на обновлива енергија.
Извор: Engadget