Развојот на оваа технологија доаѓа од Microsoft Research Asia, односно од истражувачот Hong Tan. Според неа екраните на допир кои што ги користиме денес толку масовно се дво-димензионални, односно притискаме, повлекуваме и слично на мазна површина која што е иста за било која активност. Екраните на допир навистина го променија начинот на кој што работиме со уредите, меѓутоа таа смета дека тие можат да се унапредат.
Она на кое што работи Hong Tan е овозможувањето на чувство на допир зависно од тоа што го правите на екранот. Така на пример, доколку пишувате на виртуелната тастатура, оваа технологија ќе овозможи екранот да реагира слично на вистинска тастатура, па при секое притискање на некое копче, тоа ќе пропадне до одреден степен. Оваа технологија исто така треба да овозможи чувствување на различна текстура на тоа што го допирате, како и да ја чувствувате тежината на папката која што ја поместувате, зависно од нејзината содржина.
Начинот на кој што работи оваа технологија е преку вградување на додатни материјали под екранот на допир. За добивање на чувството на вистинска тастатура, на пример, се користи пиезо-електричен материјал кој што се свиткува кога ќе биде пуштена електрична енергија на него. Друг начин на кој што се додава различно чувство на екраните е преку користење на голем број на мали вибрации на одредени делови од екранот, со што се добива простор исполнет со воздух, односно простор кој што не можете целосно да го допрете со прстот. Со ова се добива ефект на помазни или порапави површини.
Начинот на кој што треба да добиете чувство на различна текстура на екранот е интересно направен. Екранот го привлекува вашиот прст преку електрицитет со различен полнеж, по што добивате различно чувство кога поминувате со прстот на него.
Microsoft не е единствената компанија која што развива ваква технологија, што покажува дека во иднина може да е очекуваат нови видови на екрани на допир кои што ќе бидат поинтерактивни за користење.
Извор: Microsoft Research