WP_20140808_001

Windows 9 или како што уште се нарекува и Threshold, според сите најави треба да биде достапен за корисниците од идната пролет, со можност за бета верзија до крајот на оваа година. Microsoft ќе се обиде да ја врати популарноста на својот оперативен систем со оваа верзија, па во неа ќе вклучи доста нови и барани функции, а исто така ќе исклучи одредени кои што се со слаба популарност. Веќе можевме да прочитаме дека во оваа верзија ќе биде вратено Start менито во нова форма, како и тоа дека модерните апликации ќе можат да бидат користени во посебни прозори во десктоп околината.

Најновите информации кои што доаѓаат од блиски извори на неколку странски портали, покажуваат уште неколку интересни работи кои што треба да бидат воведени во Windows 9. Оваа верзија од оперативниот систем наводно треба да воведе една функција која што е одамна достапна и популарна кај различните Linux дистрибуции, како и кај OS X. Се работи за воведувањето на виртуелни десктоп површини, односно можност за користење на повеќе десктопи како посебни екрани кои се менуваат со едноставно притискање на копче. Секој корисник кој што барем неколку пати користел Ubuntu, добро е запознаен со оваа функција.

Друга информација која што исто така е неофицијална е тргањето на Charms лентата за корисниците на уреди со маус и тастатура, а можеби и целосно за сите корисници. Charms лентата да ве потсетиме, е лентата која што се појавува на десната страна од екранот и на неа се поставени работи како Settings, Share, Start копче и слично. Оваа лента е една од работите кои што не добија голема популарност и не беа прифатени од корисниците. За да ја отворите треба да направите одредени гестови, а истата на ниеден начин не е означена каде се наоѓа. Се верува дека функциите од лентата ќе бидат вградени во други делови од апликациите.

Извор: ZDnet, Neowin, PCWorld

Претходна статијаMicrosoft Research развива технологија која што треба да ги промени екраните на допир
Следна статијаMicrosoft го прекинува Skype на Windows Phone 7
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.