Развојот на самоуправувачки автомобили е нешто што скоро секоја од поголемите компании го има во својата програма. Тие, кога и да станат комерцијално достапни, дефинитивно ќе бидат начинот на превоз во иднина. Во овој период ги гледаме само почетоците на ваквите автомобили, односно концептите на компаниите за тоа како тие ги замислуваат нивните модели.
Сепак, пред да почнат да излегуваат концепти кои што се однесуваат и на нешто повеќе од самиот систем за самоуправување, тој ќе треба да биде развиен на доволно високо ниво. Од Mercedes-Benz на CES2015 беше претставен концепт на самоуправувачки автомобил кој што покажува многу повеќе од само неговиот систем.
Моделот кој што ја носи ознаката F015 е наречен Luxury in Motion, односно луксуз во движење е концепт за целосно функционален, еколошки и поврзан самоуправувачки автомобил. Направен е во очекуван за вакви концепти нестандарден дизајн кој што е подолг од стандардните автомобили и до некаде наликува на еден вид капсула, што додава на футуристичкиот ефект кој што го претставува.
Автомобилот е направен да може целосно сам да се управува преку напредниот систем на сензори и камери, но исто така може да биде управуван и од човек. Седиштата, кои што ги има 4, можат да се вртат и да се насочат едни кон други за подобра интеракција при автоматското возење. Исто така, седиштата се вртат спрема вратите при нивното отворање, па влегувањето и излегувањето од автомобилот е многу полесно и удобно.
Во внатрешниот дел од автомобилот, односно кај шалт таблата и страните, се поставени вкупно 6 екрани на допир кој што можат да се користат за контрола на автомобилот и неговите функции, работа и слично.
Интересно е што автомобилот е направен и за интеракција со луѓето надвор, па тој на предната страна има вградено LED сијалички во разни бои кои што им покажуваат на пешаците кога е сигурно да се помине улицата, на пример. Исто така, за да им покаже на пешаците дека може да ја поминат улицата, автомобилот проектира пешачки премин на улицата пред него.
F015 исто така е и еколошки автомобил со како што е истакнато 0% емисии на штетни гасови. Тој работи на хибриден систем на литиумска батерија и хидрогенска ќелија. Автомобилот може да помине до 200 километри со целосно полната батерија, меѓутоа истата може да се надополнува од хидрогенската ќелија со што се добиваат дополнителни 900 километри.
Извор: Cnet, MothorAuthority