Научниците веќе подолго време се надеваат дека ќе можат да ни „инсталираат“ микро-роботчиња кои би пливале низ телото и би доставувале лекови или некои механички решенија на конкретни места. Такви би можеле да го ослободат очниот притисок, да ги излечат зглобовите меѓу коските, акутно да достават цитостатици до места заболени од рак без да мора целото тело да ги трпи последиците и слично. Проблемот досега беше што е многу тешко да се направат доволно мали роботи за да не се приметуваат и да не сметаат на телото, а во исто време да имаат стандарден мотор како турбина што ќе им овозможи да пливаат низ крвотокот и другите телесни течности.
Научниците од Макс Планк институтот во Германија презеле токму таков чекор развивајќи микро-роботи на кои не им треба енергија ниту „мотор“. Практично нивниот мотор се школковидни структури кои како „весла“ го буткаат роботчето низ течноста со отворање и затворање и така му овозможуваат да се движи. Отворањето и затворањето на „веслата“ е изведено преку користење на надворешен магнет, па самите роботи не се автономни. Движењето напред е побрзо него движењето назад токму поради ваквиот принцип на веслање вграден на самиот робот. Овие роботи имаат големина од 800 на 300 микрони и се доволно мали за да не се приметуваат кога би биле во телото.
Подолу можете да го погледнете видеото каде тимот од Макс Планк ги објаснува самите роботчиња и како тие функционираат
Се` уште нема некоја конкретна примена на овие роботи и засега се „доказ за концепт“ кој функционира. Ваквите начини на лечење на болестите може навистина да ја револуционизира модерната медицина и да овозможи уништување на еден куп болести кои го мачат човештвото како што се ракот и срцевите заболувања, а во исто време да овозможат подобрување на карактеристиките на самото тело преку замена на „застарените“ биолошки решенија со нови, подобрени.