Многумина од нас со нетрпение ги очекуваат најновите иновации на Mercedes-Benz, бидејќи токму овој германски производител секогаш успева да пронајде начин да се издвои од конкуренцијата. Позицијата која ја имаат во светот на луксузните автомобили, а тоа е самиот врв, принудени се постојано да ја оправдуваат преку најразлични иновации кои пак го прават возењето поудобно, за корисниците кои плаќаат убави суми за нивните модели.
Сигурно нема да погодите за што се работи кога е во прашање најновата вест од Mercedes-Benz. Станува збор за Magic Vision Control системот, или во превод најновите модерни брисачи за стакло. Не е јасно како до сега никој не се сетил да го смени досегашниот систем стар со децении кој искрено и не е многу ефикасен.
Прскањето вода под притисок од две мали дупчиња кои се наоѓаат на хаубата, Mercedes ќе го замени со прскање на вода од околу стотина исти такви механизми но овојпат распоредени по должината на самиот брисач. Со тоа се става крај на досегашната слаба видливост при секое пуштање на брисачите, а нивната работа станува многу поефикасна отколку досега.
Овој систем ќе функционира и самостојно, ќе се пушта самиот секогаш кога стаклото е нечисто. Се’ уште не е јасно на кој начин ќе се одредува дали стаклото треба или не треба да биде исчистено.
Magic Vision Control системот ќе биде вграден во најновиот 2017 Mercedes-Benz GLS Class.
Извор: Mbscottsdale, LoeberMotors