Слика од истражувачите на концептот на ладна фузија од Локхид Мартин
Слика од истражувачите на концептот на компактна фузија од Локхид Мартин

Најголемиот производител на воена опрема во САД објави дека се исклучително блиску до создавање на мини реактор на т.н. компактна фузија, што би требало да претставува значаен чекор во развитокот на оваа технологија. Се работи за реактор кој би можел да се смести на камион, а кој според својата големина би можел да дава 3 до 4 пати повеќе енергија од реакторите кои работат на нуклеарна фисија.

Skunk Works дивизијата од Локхид Мартин која е одговорна и за други напредни технолошки достигнувања како U2 шпионскиот авион и F117 авионот, од неодамна има поднесено неколку патенти кои се однесуваат на овој реактор кој нуди десеткратно намалување во однос на претходните изведби на фузиски реактори. Според нивното известување, „Нашиот концепт на компактна фузија комбинира неколку алтернативни пристапи кон магнетско задржување, земајќи ги најдобрите делови од сите и нуди намалување од 90% во споредба со претходните концепти… Помалата големина ќе ни овозможи да дизајнираме, изградиме и тестираме РКФ (реактор на компактна фузија; заб.) за помалку од една година“.

Инаку технологијата на компактна фузија се базира на симулирање на реакциите кои се случуваат внатре во Сонцето (создавање на потешки елементи преку спојување на полесни почнувајќи од водород во хелиум што ослободува огромна енергија), но целта е таквите да се остварат во што помал простор. Локхид Мартин објавуваат дека имаат постигнато т.н. шише со магнетно поле од материјал кој може да издржи огромни температури и кое најверојатно ќе има задача да задржува плазма. Оваа топлина потоа би се носела до течност која со испарувањето ќе придвижува турбина и така ќе создава струја, како и во стандардните фисиски реактори.

Иако слично, овој концепт не е еднаков со концептот за „ладна фузија“ кој има предизвикано мал сензационализам во САД по што научниците не успеале да ги повторат резултатите и била прогласена за „патолошка наука“, нешто што не може да постои. Новата објава од Локхид Мартин околу нивниот концепт за компактна фузија има потенцијал да го револуционизира добивањето на енергија од нуклеарните горива за мирни и воени цели, секако под услов да не испадне уште едно фијаско.

Извор: RT

Претходна статијаGeofeedia ги собира сите јавни објави од социјалните мрежи
Следна статијаЕлон Маск сака да изгради метрополис на Марс