Британската компанија Reaction Engines Limited моментално работи на изведба на два нови авиони кои во себе ќе имаат вградено нова моторска технологија која треба да овозможи огромни брзини на патување – овозможувајќи патување од Брисел до Сиднеј за 2 до 4 часа!
Едниот од авионите, LAPCAT A2 е наменет за пренесување на до 300 патници т.е. ќе претставува патнички авион, а другиот, SKYLON има намена да оствари вселенски летови и летови во повисоката Земјина атмосфера.
LAPCAT A2 ќе има максимална брзина од околу 5 маха (1 мах кога се однесува на патување низ воздух е околу 340 метри во секунда при 15 целзиусови степени на морска висина; брзината на звукот). SKYLON ќе претставува летало кое со помалку енергија од денешните, а можеби и без пилот ќе излегува од атмосферата и ќе остварува вселенски летови, на пример за да донесе залихи до околните вселенски мисии.
Инаку, иновацијата во технологијата во овие летала се базира на супербрзо ладење на влезниот воздух кој влегува во моторот, така згуснувајќи го и правејќи го пристапот до кислородот многу поефикасен. Воздухот кој треба да влезе во моторот се лади со систем на цевки полни со кондензиран хелиум, кои за дел од секунда достигнува температура од -150 целзиусови степени токму пред да влезе во всисната гранка. Токму ова го овозможува огромното подобрување на ефикасноста на моторот и развивањето на таквите огромни брзини, нешто налик на „турбо“ во автомобилите. Reaction Engines Limited го имаат крстено овој мотор SABRE.
https://www.youtube.com/watch?v=yLD1TPsEi3E
Патничкиот LAPCAT A2 ќе полетува како секој стандарден патнички авион, а SKYLON ќе полетува како ракета но ќе слетува како патнички (нешто слично како спејс шатл) што ќе овозможи да се користи повторно без да мора да се гради нов. Цената на овие авиони е очекувано астрономска: 1,1 милијарди долари по авион и првиот лет сметаат да го остварат во 2019 година, што не е така далеку во иднината.
Извор: Business Insider, Science Alert