Kickstarter кампања има за цел да го направи досега најевтиниот компјутер, кој треба да го симне Raspberry Pi од тронот. Се работи за мини компјутерче, кое ќе биде пред се наменето за вежбање на хакирачки вештини, како и програмирање, но има најави дека може да постигне и многу повеќе од тоа.
Имено, благодарение на ултра ниската цена од 9 долари, што би било под 500 денари со денешниот курс (доларот често се менува), многу земји во развој веќе покажуваат интерес во купувањето на овој продукт за едукативни цели. Името на производот е CHIP и истиот веќе драстично ја надмина почетната сума од 50.000 долари на Kickstarter, со досега собрани 407.000 долари од преку 8.000 луѓе.
Очекувано, харвдверските компоненти не се којзнае колку моќни, но сепак задоволителни. Процесорот е со ARM архитектура, што значи дека нема да може да се користи целосен Windows на него, туку само Linux оперативен систем и има брзина од 1 GHz. Помогнат е од 512 MB RAM и 4 GB простор за складирање податоци. Интересно, малото компјутерче е целосно опремено со технологии за поврзување, како Bluetooth, Wi-Fi и композитен излез за видео, кој може да се приклучи дури и на постарите телевизори. CHIP дури има и USB излез во полна големина!
Засега, CHIP компјутерот се вградува во евтин уред со екран на допир и QWERTY тастатура, кој изгледа како џебните компјутери од пред 10-тина години. Цената на овој уред ќе биде 49 долари и исто како и софтверот и самиот уред ќе може лесно да се хакира. На пример, ќе може да му се додаде тастатура, бидејќи ја има само подлогата за неа.
Инаку, креаторите на CHIP компјутерот стојат и зад GIF камерата со Raspberry Pi компјутер, која ќини 249 долари и може лесно да се хакира и која е причината да направат уште поевтин уред од досега најпопуларниот евтин компјутер.
Извор: ArsTechnica