Не е познато дали светските резерви на вода се намалуваат или не. Сепак тоа не ги спречува некои општества да се однесуваат како да тие ќе траат бесконечно, како нашата. Има и општества каде што пристапот до чиста вода за пиење е многу ограничен, како многу афрички земји. Од друга страна активноста на луѓето и нивното „процесирање“ храна и течности води кон својот очекуван фекален резултат. Земајќи ги овие две перспективи предвид, на некои претприемачи (компанијата Janicki Bioenergy) им текнало дека тие можат да се спојат – и го создале Janicki Omniprocessor.
Janicki Omniprocessor е уред кој ја зема отпадната човечка вода и од нејзе произведува чиста вода, електрична енергија и прашина. Дополнително, самиот процесор е енергетски самоодржлив. Електричната енергија која ја произведува е доволна за да се одржува во работа под услов ако стигнува нова отпадна вода, и единствена надворешна енергија што е потребна е при започнување со работа. Тој дури произведува толку дополнителна енергија што дел од таа може да ја враќа назад во мрежата и да ги намалува трошоците на производство на електрична енергија.
Како поддршка на овој проект доаѓа и Бил Гејтс, човекот кој постојано вложува во програми за развиток наменети за земјите во развој. Тој толку има доверба во овој проект дека ќе успее што одбра да испие една чаша од процесираната вода, како што можете да видите на видеото:
Овој уред има способност да произведува 86 илјади литри вода дневно и 250KW електрична енергија кога ја обработува отпадната вода на 100 илјади луѓе. Тоа значи дека истата може да се смести во урбаните средини и да ја обработува отпадната вода, место истата да се фрла во река и да се загадуваат реките, како што со децении се прави кај нас со Вардар и други реки. Со производството на дополнителната електрична енергија тој станува и профитабилен за неговиот сопственик, или барем ќе ги покрие трошоците за одржување.
Ваквите проекти покажуваат дека методите и технологиите кои се употребувале пред децении не мора да останат во употреба и денес. Воедно покажуваат дека во едно партнерство меѓу нашите општински власти и приватни инвеститори може да се изведе еден ваков проект кој ќе донесе добивка за приватните инвеститори, еколошки далеку подобро решение за отпадната вода и зачувување на природата, а да не спомнувам дека ќе не` стави повисоко на листата по еколошки траг. Дополнително покажуваат дека екологијата не се базира само на паркови и садење дрва туку дека има и други перспективи кои бараат нови начини за развиток и подобрување.
Извор: Geek, International Business Times UK