Според сите познавачи од областа, наредниот чекор во поглед на процесорската моќ на нашите компјутери ќе го направиме откако ќе се префрлиме на квантни процесори, кои накратко кажано, наместо бинарната состојба 1 или 0, имаат повеќе состојби истовремено. Ова би требало да донесе голем скок во поглед на перформансите, што е идеално за развојот на вештачка интелигенција, но воедно донесува со себе и низа проблеми.
Intel е една од компаниите која најсериозно вложува во квантните процесори и резултат на тоа е нов квантен чип со моќ од 17 “qubits”, кој можеби сѐ уште не може да се мери со денешните класични чипови, но е голем чекор кон донесување на квантните процесори на пазарот.
Причината за тоа е што новиот дизајн работи со многу помалку грешки од досегашните. Имено, новиот чип сега работи на 20 миликелвини, што е исклучително блиска температура до апсолутната нула и која овозможува многу мало движење на честичките (атомите), што значи многу помал шум и помалку грешки. Исто така, дизајнот на самиот чип овозможува многу помали радио пречки меѓу qubit-ите на чипот, а конекторите сега се ставени во задниот дел и јасно одделени еден од друг.
Ваквиот квантен процесор веќе е даден на тестирање во компанијата QuTech, која е задолжена да ги открие недостатоците, со цел да се дојде до наредната фаза на развој. Според нив, намаулувањето на грешките кои се јавуваат кај ваквиот тип на процесори е есенцијално за побрзо нивно донесување на пазарот како конкуренција на стандардните процесори со транзистори.
Извор: TechSpot, Engadget, TechCrunch