Живеењето во модерните урбани градови има свои предности, но и многу недостатоци. Воздухот во Скопје веќе оддамна е под задоволителното ниво на чистина, место за слободно паркирање нема, никнуваат чудни градби искористувајќи го секој слободен простор и така натаму. Кој не би сакал да живее во чист, правилно испланиран и напреден град? Така размислуваат и од Обединетите Арапски Емирати.
Компанијата Масдар (подгранка на Mubadala Development Company) и владата на Абу Даби имаат вложено огромни средства во градењето на новиот техничко-еколошки град под името Масдар. Тој ќе се простира на површина од 6 км квадратни блиску до Абу Даби и се очекува да биде завршен и целосно вселлив во 2015 година. Засега тој е делумно град на духови.
Инаку принципите на изградба на овој град се базираат на екологија, економија и целосна употреба на обновливи извори за енергетските потреби. Масдар треба да не користи никакви фосилни горива, туку целата своја енергија да ја добива од два типа на извори – соларни панели и концентрирана сончева енергија.
Во градот ќе бидат забранети лични возила освен одреден број на електрични возила наменети за транспорт, а редовниот пренос на луѓе ќе се извршува преку ефикасни електрични возови, велосипеди и слични возила кои работат на обновливи извори.
До секоја градба има пристап на електрична енергија и вода, а нивното трошење ќе биде регулирано со сензори за присутност, што според проценките треба да ја намали потрошувачката на струја и вода за половина! Предвиден е и огромен централен систем на ладење на улиците како би се одржувала температура за 15 до 20 степени пониска од таа во околната пустина.
Градот е предвиден да издржува редовна популација од скоро 50.000 луѓе, а се очекува да има уште толку дневни редовни посетители. Тој исто така ќе биде дом на околу 1.500 компании и бизниси.
Иако донекаде изгледа како рај на Земјата, Масдар беше подложен на критика. Имено, Гринпис повика да добие приоритет конвертирањето на веќе постоечките градови во вакви енергетски-ефикасни заедници место да се конструираат нови од почеток. Друга критика има околу распределувањето на популацијата, со оглед на тоа што има ограничен број, таа најверојатно ќе биде пополнета од по богати луѓе и просечните луѓе ќе немаат пристап до градот. Но богатите секогаш биле и го поддржувале зачетокот на некои нови технологии и начини на живеење, така што да се надеваме дека некој од нив ќе вложи во намалување на цените на ваквите технологии кои би можеле да се применат и кај генералната популација.
Со оглед на тоа што најверојатно никој од нас нема да биде жител на овој град, веројатно треба да ги насочиме нашите напори и надежи властите да ги претворат нашите градови во еколошки и енергетски оази, да вложат во концентрирана сончева енергија и да го овозможат слободното купување и развивање на соларните панели како извор на енергија за секој дом. Кој не би сакал да ги види Скопје и останатите наши градови како Масдар?