Повеќето реакторски дизајни кои (целат да) работат на фузија се базираат на т.н. „токамак“ дизајн, оригинално руски. За жал, „токамаците“ не се доволно ефикасни колку што би сакале научниците. Преведено на просечен јазик, тие (засега) трошат повеќе енергија за да ја задржат плазмата во себе него што произведуваат од истата.
За среќа, научниците не се откажаа од исполнување на сонот за нуклеарна фузија, па постои уште еден дизајн на реактор наречен стеларатор. Во еден стелатор плазмата е натерата да ги помине истите реакции како и во средината на Сонцето (претворање на водород во хелиум преку вадење на електрони и насилно спојување на водородните јадра).
Ваквата фузиона реакција ослободува огромна енергија – се проценува дека еден грам од гориво ќе може да произведе еквивалентна енергија како од 12 тона јаглен или околу 90 илјади киловат часови. Не треба да се спомне дека задржувањето и претворањето на толкаво количество енергија изискува суперпрецизна апаратура и суперпаметни научници.
Германија, поточно Макс Планк Институтот ги имаат и двете. Затоа се очекува наскоро да почне со работа Wendelstein 7-X стелараторот. Овој реактор нема да произведува електрична енергија туку ќе се користи за испитување. Нуклеарната фузија се` уште е во експериментална фаза, па логично е Wendelstein 7-X да биде искористен за тестирање на потенцијалите на оваа технологија.
Сепак, постојат и добри вести. Според Изабела Милх, директорот за комуникација при Макс Планк Институтот, „Ако фузиските истражувања одат според планот тогаш електрична централа ќе може да се очекува во средината на векот. Климатски-штетни емисии нема да постојат во фузионите електрични централи. Во исто време, (централите; заб.) ќе можат да бидат главни создавачи на е. енергија. Со околу 1.500 мегавати електрична енергија, тие можат да бидат вклучени во мрежниот систем како денешните големи електроцентрали“.
Нуклеарната фузија навистина е технологија на иднината и ќе стане особено битна ако не успееме да ја зголемиме ефикасноста на фотоволтаиците за повеќе од 30%. Дотогаш, уживајте во прекрасните фузиони реактори горе на небото, како нашето Сонце.