После основањето на компаниите Tesla, SpaceX и SolarCity, на ред за Елон Маск е нова компанија. Neuralink е компанијата и истата ќе се посвети на технологии за поврзување на човечкиот мозок со компјутер.

Маск неколку пати претходно кажа дека на некој начин веќе сме поврзани со дигиталните уреди, но проблем претставува комуникацијата со тие дигитални уреди. Според него наредно логично решение се компјутерски чипови во човековиот мозок, со цел брза и ефикасна комуникација со нашите компјутери и паметни телефони, наместо досегашното давање команди преку пишување текст или гласовни команди.

Самиот Маск стравува за опстанокот на човековата раса после брзиот напредок на технологијата во светот. Дури изјави дека неговата SpaceX мисија за колонизирање на планетата Марс е едно од можните решенија за спас на човековата раса. Од друга страна пак, зборувајќи за компјутерските чипови во човечкиот мозок, тој изјави дека тоа е нешто што мора да се случи во иднина. Се’ уште не е официјално најавена новата компанија Neuralink, но тоа може да се случи веќе наредната недела.

Neuralink е регистрирана во Калифорнија како компанија за медицински истражувања уште во јули минатата година. Новата компанија најверојатно ќе биде финансирана од самиот Маск.

Инаку и денес постојат компјутерски чипови за човечки мозок, но се користат само во одредени медицински случаеви, како на пример за моторни функции или комуникациски помагала кај луѓето со мозочни повреди или оштетувања. Ова важи како добар пример за тоа на кој начин луѓето размислуваат за компјутерските чипови во човечкиот мозок, односно колку и да се против овие чипови, сепак бараат спас во нив во комплицирани медицински случаи.

Извор: The Verge. The Guardian

Претходна статијаIntel ги претстави новите Xeon E3-1200 v6 чипови базирани на Kaby Lake
Следна статијаНовиот знаменосец на HTC ќе има рамка осетлива на допир и притисок