Како што навлегуваме во 2017 година, почнуваме да дознаваме се повеќе информации за смартфоните кои ќе се спротивстават на новиот Galaxy S8, кој буквално ги зема сите насловни страни последниве неколку месеци. HTC U ќе биде еден од нив и според нови информации, тој ќе има голем број на сензори во рамката, кои ќе бидат индивидуално прилагодливи според желбите на корисникот.

Идејата со овие сензори е корисникот да може да го контролира телефонот само со лизгање на прстите по страната, без да се допира дисплејот. Ова потекнува од HTC Ocean концепт смартфонот, на кој може да се направат многу работи само со стискање на телефонот отстрана или лизгање на прстите, технологија наречена Edge Sense. Ова е прилично интересен начин за интеракција, кој може во големо да им помогне на оние со помали раце (видеото најдобро покажува како изгледа оваа интеракција).

HTC U инаку ќе биде наследник на HTC 10 и затоа ќе има врвни спецификации. Дисплејот ќе има големина од 5,5 инчи и Quad HD резолуција, Snapdragon 835 процесор, задна камера со 12 мегапиксели, предна со 16 мегапиксели, до 128 GB простор и погоре споменатиот Edge Sense. Ако се оствари ова, HTC U би можел да биде огромен трн во окото на конкуренцијата, која барајќи што помала рамка околу дисплејот, заборави на иновација во начинот на кој ги користиме нашите смартфони, а не само како изгледаат.

Новиот знаменосец на HTC треба да биде претставен во април, а продажбата ќе почне во мај. Тој ќе доаѓа со вграден Android Nougat 7.1 и целосно нов HTC Sense 9 кориснички интерфејс, кој ќе го овозможи Edge Sense.

Извор: The Verge, 9 to 5 Google, GSM Arena

Претходна статијаЕлон Маск стартува нова компанија за „мозочни“ чипови
Следна статијаBTS Art Factory со ново веб искуство