Длабоко под нас, во кората на земјината топка се наоѓа неограничен обновлив извор на енергија кој произведува огромни количества на топлина. Оваа топлинска енергија, односно геотермална енергија може да биде клучна за енергетската иднина на светот. Се користат различни геотермални енергетски технологии со кои се искористува генерираната топлина, меѓутоа трошоците се големи и нивната ефикасност мала поради неможноста постоечките уреди да ги издржат екстремните температури.
Имајќи го во предвид огромниот потенцијал на геотермалната енергија, многу истражувачи ширум светот работат на оваа тематика. Институтот за микроелектронски кола и системи Fraunhofer (IMS) претстави нов микрочип кој би можел да ги издржи овие температури. Овој мал чип може беспрекинато да работи и притоа да не ја изгуби својата ефикасност при температури од 300 °C.
Стандардните полупроводнички чипови кои се користат за оваа намена се дизајнирани за температури до 200 °C, но пред да ја достигнат оваа температура тие се деградираат, односно при 250 °C чиповите се целосно стопени. Досега имало многу обиди да се направи систем за ладење кој би можел да помогне и да ја спречи деградацијата, но со новиот електронски чип, систем на ладење не е потребен.
За изработка на овој чип користен е силиконски изолатор, односно CMOS дизајн кој овозможува чиповите да издржат високи температури. Секој транзистор кој се наоѓа во чипот е целосно изолиран од другите транзистори со дополнителен непроводен слој, со што се спречува струјата да тече надвор од предвидениот пат. Неконтролирани истекувања може да бидат причина за грешка и слаба работа на чипот, долго време пред тој да се стопи. За додатна изолација на транзисторите се користи волфрам, наместо алуминиум поради неговата карактеристика да издржи голема топлина.
Овие високотемпературни процесори може да се искористат за различни апликации. Со нивно имплементирање, авионските сензори може да се постават во непосредна близина на моторите на авионите за подобри отчитувања, може да ја олеснат работата во индустријата каде уредите се изложени на голема топлина и сл.