Две од најпознатите компании во светот на пазарот на камиони, Daimler Truck AG и Volvo Group најавија дека заеднички ќе работат на развојот на горивни ќелии, поточно водородни ќелии, кои би се користеле во индустријата на камиони, но би имале и други намени.
Оваа новост доаѓа по претставувањето на концепт камиони од страна на Daimler Truck, меѓу кои и Mercedes-Benz GenH2 Truck, камион влекач кој како енергија за движење ќе користи водородни ќелии.

Целта на користењето на водородните ќелии е секако животната околина за која се повеќе ни станува јасно до кој степен и влијаеме со испуштањето на јаглерод диоксид во атмосферата. Водородните ќелии немаат негативен ефект на околината и заедно со целосно електричните возила, односно тие на батерии, се иднината на сите видови на превоз.
Камионите дури сега почнуваат, за разлика од автомобилите, да добиваат електрични и водородни верзии, а како што можеме да видиме истите ќе станат стандардни во годините што следат.
Daimler Truck AG и Volvo Group почнувајќи од идната година ќе започнат со заеднички развој на водородни ќелии, а се очекува за околу 3 години да бидат достапни и првите тест ќелии. Поголемо производство и комерцијализација на водородните ќелии се очекува за втората половина од оваа декада.
Двете компании ќе останат конкуренти во своите посебни бизниси, но сепак имаат заклучено дека знаењето, искуството и финансиите е подобро да бидат здружени кон заедничката цел.
Покрај тоа што овие водородни ќелии би се користеле во камионите, тие може да се користат и како замена, на пример, на дизел генераторите кои се користат во доста индустрии каде е клучно да се има константно електрична енергија.