Тргнавте на одмор со сопствениот автомобил и после веќе поминати стотина километри ви текна дека го заборавивте USB кабелот за телефонот. Ви треба GPS, но тоа значи дека батеријата ќе ви трае само неколку саати. За среќа, за кратко време ова веќе нема да претставува проблем, не поради тоа што произведувачите на автомобили ќе ви достават резервен кабел или пак произведувачите на преносни уреди ќе измислат перпетуум мобиле батерија која не се празни.
Безжичното полнење доаѓа и во автомобилите. Некои производители, како Toyota, Chevrolet, General Motors и други веќе започнаа да вметнуваат вакви полначи во своите производи. Тие обично се во облик на рамна површина на која го сместувате телефонот или друг уред и тој со помош на електромагнетна индукција се полни без да има потреба од кабли.
Концептот е едноставен: возилото спроведува наизменична струја до електрична намотка. Намотката создава електромагнетно зрачење. Телефонот има кај себе сопствена наметка со која ги прифаќа овие зрачења, а поради тоа што нивната природа е променлива и наизменична, тие успеваат да покренат движење на електроните во спроводникот и да ја полнат батеријата на уредот. Некои од производителите веќе размислуваат со поинаков дизајн на полначите од стандардниот (рамна површина) па имаат концепт налик држач за чаша во автомобилот во кој го сместувате телефонот.
Проблемот со индуктивното пренесување на енергија е што мора уредот да биде прилично блиску до полначот, а воедно и да биде поставен на неговата жижна точна за да постигне максимална ефикасност. Според кажувањата на корисниците, ефикасноста на ваквото полнење во однос на стандардното жично, е помала, особено за оние последни 80% до 90%.
Од друга страна, ваквиот начин е далеку полежерен, а истиот може да се префрли на било кој уред со земање на специјална маска која во себе има приемник на ЕМ зрачење или пак мал уред на кој би го сместиле уредот.
Веќе пишувавме за разни начини на безжично полнење, меѓу кои се наоѓа и инфрацрвеното како и преку ултразвук. Кога се работи за пренесување енергија преку електромагнетна индукција, постојат два де факто стандарди во светот: Qi и PMA (Power Matters Alliance). И двата имаат големи играчи под својата капа. Нажалост, тие се меѓусебно некомпатибилни, но очекуваме во иднината да се најде начин да станат компатибилни и така да се прекине уште еден инфантилен и апсурден натпревар меѓу промотерите на стандарди.
Извор: Cnet, The Wall Street Journal