Да, токму така како што прочитавте – една американска компанија се осигура со фонд од 1,7 милиони долари за да започне со експериментирање и производство на албумини, фамилијата на топчести белковини кои ги има во белката од јајцето, и тоа со помош на квасецот.
Имено, квасецот е прастар микроорганизам кој досега беше употребуван за најразлични потреби на човештвото, како создавање на пиво или создавање на целосно нови вештачки микроорганизми. Сега компанијата Clara Foods од САД се стекна со потребните средства за да започне со процес на производство на албумин, кој пак е составен дел од белката на јајцето. Ваквиот процес се изведува преку генетски модифициран квасец кој треба да создава албумини во течна форма во лабораторијата, преку претворање на други хранливи материи во овие белковини.
Самата идеја на Clara Foods е да создаат белка од јајце без воопшто да има било каква врска со кокошка. Ова секако дека може да има голем ефект врз прехранбената индустрија бидејќи белките од јајцата често се користат како замена во храни каде што не треба да има месо или други белковини. Дополнително, тоа би значело дека ќе има потреба од помалку кокошки, а тоа би резултирало во помалку случаи на птичји груп, салмонела и други болести кои ги зафаќаат овие птици.
Clara Foods би сакале својата „белка“ да ја нудат на други бизниси и тоа им е проектираниот бизнис модел. Иако изгледа дека јајцето како една одлична, евтина и здрава храна тешко ќе биде заменето на краток рок со нешто друго толку хранливо и вкусно, сепак, очигледно е дека првите чекори се превземаат уште денес. Останува да го следиме развитокот во оваа сфера и да видиме до каде ќе стигне човековата инвентивност.
Извор: TechCrunch, Geek