Кој вози велосипед, а живее во зграда без лифт знае за тешкотијата да се довлечка истиот до трети или повисок спрат. Технологијата на велосипеди се надгради значајно во последните декади, па денес истите се многу полесни од тие пред само десеттина години. Сепак, тоа што не` чека во иднината е далеку поинтересно, а од Audi очигледно сакаат да ни го сервираат.
Најновиот велосипед наречен Audi Sport Racing Bike доаѓа од оваа компанија за возила и неговата рамка тежи неверојатни 790 грама! Тоа е помалку од 5 iPhone 6-ки заедно, што ќе се согласите дека е навистина лесно. Инаку целиот велосипед ќе има вкупна тежина од 5,8 килограми. Сигурно се прашувате како успеале ова да го остварат од Audi. Тие успеале во оваа неверојатна мисија преку дизајнирање и изведба на целиот велосипед од јаглеродни влакна. Веќе имаме пишувано претходно за јаглеродот и неговата способност да се врзува во различни структури кои се предмет на интерес на научниците во поново време, како на пример, за подобрување на батериската технологија.
Јаглеродните структури како графенот се исклучително тенки, а исклучително цврсти, што овозможуваат да се користат за најразлични потреби како панцири, блиндирани стакла, а сега и за дизајн на цели велосипеди. Се согласуваме дека од Audi успеале да создадат неверојатно лесен велосипед кој е импресивен сам по себе со оваа карактеристика.
Исто така би сакале да укажеме дека успеале да одберат и неверојатно „солена“ цена од 19 илјади долари, а ќе бидат произведени само 50 вакви велосипеди. Што значи, Audi Sport Racing Bike не е ни за стандардните ентузијасти за велосипеди. Да се надеваме дека пазарот ќе почне да произведува повеќе вакви велосипеди, па ќе може да им се намали цената значително.
Извор: The Next Web, Wall Street Journal, Mirror