Развојот, а со тоа и достапноста на технологијата денес овозможува нејзина примена во скоро сите аспекти од живеењето и користењето на разните уреди и машини. На CES2014 Audi претстави ново интересно, а и навистина практично решение, кое на местото на стандардната шалт табла, информационата табла зад воланот каде што се брзинометарот, нивото на бензин и слично, има поставено 12,3 инчен екран. На истиот покрај стандардните информации кои се очекуваат од оваа табла, може да се видат и нови информации, до сега достапни само на board компјутерот од автомобилите.
Користењето на екран, наместо фиксни инструменти е доста корисно и овозможува неограничен број на можни комбинации на информации кои би му биле достапни на возачот. Истите може да се менуваат, па зависно од потребата и ситуацијата, возачот да избира која група на информации би сакал да ги гледа.
На CES 2014 настанот, Audi ја изложи само кабината од својот TT модел во која што е вграден екранот. На истиот покрај брзинометарот и сличните информации, може да се видат и информации и контроли за музика, навигација, како и најинтересно голема мапа на целиот екран, која што го прави возењето и гледањето на насоките многу поедноставно и посигурно. Контролата на тоа што е прикажано на екранот се прави преку копче поставено позади менувачот. Истото има можност за вртење, со што се селектираат прикажаните опции во менито, како и можност за притискање. Копчето исто така има и додатна функција, односно сензор за допир кој се користи во ситуации, на пример, за испишување на текст, па наместо долгото и нефункционално скролање по буквите, во овој случај корисникот се што треба да направи е да ја испише буквата со својот прст и истата ќе биде препознаена.
Во продолжение можете да го погледнете демото од овој концепт на Audi, снимен од страна на Engadget порталот.