Стандардното градење на домови сите ние го знаеме – се бира местото, се поставуваат цврсти темели, се поставува рамката на домот, се надополнува оваа структура, се малтерисуваат ѕидовите, па се полни внатрешноста… и домот е готов. Потоа останува само да се менуваат или доградуваат некои помали работи, но основната структура не се менува воопшто лесно – и треба да се сруши за да се смени значително.
Еден произведувач на домови од Австралија, ArchiBlox, веќе подолго време се занимава со производство на готови домови. Овие се евтини, издржливи, рециклирачки и многу ефикасни. Кога сме веќе кај ефикасноста, според нивните тврдења нивниот најнов дом наречен Carbon Positive House е толку ефикасен што произведува повеќе енергија него што троши. Тој не само што не е правен за да биде јаглеродно-неутрален кон околината, туку е направен да биде баш јаглеродно-позитивен, што значи дека во околината испушта помалку загадување на јаглерод диоксид и други јаглеродни соединенија отколку што прима.
Овој зелен дом на својот покрив има фотоволтаични сончеви ќелии кои произведуваат електрична енергија, правејќи го делумно енергетски независен од електричната мрежа. Покривот има дополнителна изолација со природни материјали од таканаречената Earthwool (земјена, природна волна). Ваквата волна е поставена и под подот. Домот има и цевки за ладење кои го спроведуваат воздухот од внатрешнината на домот низ земјата доле, така ладејќи го во лето и одржувајќи ја температурата.
Домот дополнително има простор за зелена градина, каде можат да се растат разни растенија кои допринесуваат кон неговата јаглеродна позитивност во однос на околината, а пак северната соба е наменета за прибирање на топлината од сонцето во текот на зимата. Во просек, куќата има ефект на зачувување на јаглерод двооксид од 116%, и за време на нејзиното траење тоа ќе има еквивалентен ефект на околу 6 илјади австралиски дрвја, или како 267 коли да биле тргнати од сообраќајот (и тоа ако се земе создавањето и транспотацијата на домот до местото на користење).
Сегашната цена на овој предпроизведен дом е околу 260 илјади австралиски долари, што е еквивалентно на 181 илјади евра со сегашниот паритет. Иако цената не е мала за наши услови, сепак не е ни толку поголема од еден луксузен стан во центарот на Скопје. Од друга страна, преносот од Австралија до Македонија би чинел некоја позначајна сума на пари, па не се знае дали ви се исплати сега да нарачувате, или да почекате барем неколку децении за домашното или регионалното производство да го стигне овој степен на развиток и да почне да создава вакви интересни производи.