Вештачката интелигенција (СИ; која наскоро веројатно ќе ја нарекуваме „синтетичка“ бидејќи самата ќе смета дека називот „вештачка“ е навредлив и дискриминирачки) напредува брзо. Сегашниот начин на напредок е преку имитирање на биолошките системи кои веќе постигнале одредени резултати.
Тие кои се скептични околу можните идни достигнувања на СИ треба да одговорат едно многу едноставно прашање: тогаш како воопшто „природната“ интелигенција постигнала такви креативни дела како архитектура, слики, фотографии, дизајни, приказни и секакви други креативни дела и што е тоа што ја ограничува СИ да го постигне истото?
Воедно, ќе треба да го објаснат следново: како алгоритмот на еден тим германски истражувачи предводени од докторскиот студент Леон Гатис успешно го имитира стилот на големите сликарски мајстори и може да го пренесе на други, воопшто неповрзани слики?
Имено, тимот, со помош на префинет алгоритам базиран на концептот на неврални мрежи успеале да го разчленат стилот присутен во некое креативно дело (слика) и потоа да го применат на некоја друга. Алгоритмот анализира две преспективи во делото кое го „набљудува“: содржината на сликата (објектите) и стилот (текстурата, начинот на сликање, движење на раката, употребата на бои итн.).
По успешната анализа на стилот истиот може да го пренесе на некоја друга слика и да ја направи како „нацртана“ во истиот/многу сличен стил. Тоа можете да го забележите на сликите подолу. Се работи за фотографија од германскиот град Туебинген, која е прва (во оригинал).
По анализирање на познатата „Ѕвездена ноќ“ на Ван Гог и примена на стилот врз оригиналната фотографија, алгоритмот го „насликува“ следниот резултат:
Ни Пикасо не е поштеден, па реката Некар во Туебинген е „обработена“ во познатиот кубичен стил на овој феноменален уметник:
Џ. М. В. Тарнер би бил горд (или преплашен на смрт) кога би разбрал дека алгоритам успешно го преземал неговиот стил и создал вакво дело:
„Врисок“ на Манч исто така лесно се имитира:
За жал некои апстрактни стилови засега потешко се имитираат и предизвикуваат нераспознатливост на сликата и нејзините елементи (стил превземен од „Композиција VII“ од Василиј Кандиски):
Засега можеме да се тешиме со тоа дека алгоритмот прави „имитација“ на стилот, но секогаш мора да помислиме на премисата на филмот „Everything is a remix“ („Се` е преработка“) т.е. дека не постои навистина ново креативно дело и дека се` што креативнците прават е рециклирање на идеите во нови појави.
Со оглед на истото и со оглед на брзината на развитокот на СИ, наскоро ќе мора да ја примиме во клубот на креативци како еднаков, па и супериорен член. Нас ни останува само да набљудуваме од страна и да уживаме или да се вклучиме и симбиотизираме со нејзе како би ги искористиле нејзините капацитети и способности за наша добивка (и против наше уништување, секако).
Извор: Vice.com, Business Insider