MakerBot-Replicator-2

Обидот да се напише текст на тема 3D принтери е донекаде заплашувачки за секој писател поради револуционерното значење кое го има оваа технологија. Зборот револуција е донекаде скромен кога зборуваме за технологија од овој тип, а дури и најобични предвидувања за истата можат да звучат како научна фантастика и нереален оптимизам.

Што е тоа “3D печатење”?

Накратко кажано, ова е популарен термин со кој се опфаќаат сите типови на креирање објект преку адитивен процес (additive process). За жал не постои соодветен термин во Македонскиот јазик, но можеби најблиску би било да се каже “додавачки процес” или процес на редење слоеви. Тоа значи дека објектот се креира така што се редат слоеви еден врз друг, додека не се добие финалниот три-димензионален објект.

Револуцијата доаѓа

Гледано од историски аспект, 3D принтерите најверојатно ќе влезат во иста историска рамка како откривањето на електричното коло, откривањето на транзисторите, или пак креацијата на интернетот.

Можеби ова тврдење звучи малку претерано и сензационалистичко, но истото може да се докаже со едноставно давање примери за тоа што ќе донесе оваа технологија во блиската иднина. Да дадеме само неколку случајни примери за тоа што ќе биде можно со оваа технологија:

–     Секоја болница во светот ќе може на лице место да “отпечати” нови човечки органи или органски материјали како човечка кожа или слузница за очи

–    Секое домаќинство ќе има дома 3D принтер со кој ќе може да отпечати најразлични физички производи, впрочем ќе стане ретко да се оди до продавница да се купи физички производ, бидејќи повеќето производи ќе можеме да ги отпечатиме во нашиот дом

–     Секој авто сервис ќе може на лице место да го отпечати секој авто-дел потребен за поправка на нашиот автомобил. Нема веќе да слушаме одговори од типот го нема делот на лагер, треба да стигне од Германија”

Сето ова можеби звучи фантастично и нереалистично, но дури и најконзервативните научници би рекле дека ваквите сценарија се само прашање на време. Впрочем, голем дел од овие работи веќе и се остваруваат до некој степен уште денеска.

Да почнеме од најшокантниот пример, медицинското 3D печатење

Медицинските универзитети во САД веќе успеваат да отпечатат малечки и едноставни биолошки парчиња, но тие сеуште не се функционални бидејќи ја немаат внатрешната структура на еден биолошки орган, а тоа пред се значи дека немаат васкуларен систем кој би пренесувал кислород и крв до органот.

Впрочем уште во 2011 Anthony Atala импресионираше кога на сцената TED отпечати бубрег во живо пред публиката. Секако, тој бубрег не беше функционален бубрег туку само човечки клетки во форма на бубрег, но беше добра јавна демонстрација за тоа како 3D принтерите можат да печатат и биолошки материјал.

Сепак, истражувачите на Organovo се фалат дека некаде во 2014-та ќе успеат и да го отпечатат првиот целосно-функционален човечки орган, па останува да видиме дали навистина ќе успеат, а дури и откако ќе успеат ќе треба да видиме колку време ќе помине пред таа иста технологија да почне да се употребува за било кој орган и да стане достапна во секоја болница во светот.

Што е со 3D принтерите во домаќинствата?

Верувале или не, на запад се продаваат 3D принтери во супермаркетите веќе некое време, а првите комерцијални домаќински 3D принтери излегоа уште во 2007-мата година. Секако овие производи се сеуште луксузен производ со оглед на тоа што се сеуште донекаде примитивни и ограничени, а чинат од 500$ до 2000$ и секако, засега се интересни само за богати гикови, или пак луѓе кои ова го гледаат како главно хоби во животот.

Сепак, заедницата на аматерски 3D принташи, формирана во последниве години, е добар индикатор за тоа што не чека во иднината. Веќе постојат неколку сајтови каде ваквите луѓе можат едни со други да ги споделуваат своите 3D дизајни, а најпознатиот од нив е Thingiverse. Тоа буквално значи дека можеш да се вклучиш на сајтот, да најдеш на пример некоја интересна играчка што ти се допаѓа и веднаш да си ја отпечатиш на 3D принтерот. Добиваш нова играчка без да мораш да излезеш од дома или да влезеш во било каква продавница.

Иако оваа технологија е сеуште во раниот развој, веќе гледаме како луѓето дома печатат држачи за мобилни, играчки, украси за домот, вазни, парчиња накит, лустери, кациги па дури и патики. Засега типот на производи е ограничен во однос на тоа што домашните принтери имаат мал број на материјали во својот репертоар.

Меѓутоа се очекува во иднина домаќинските принтери да напредуваат во голема мера, и така во иднина најверојатно и нема да мораме да тркнеме до супермаркет за најголемиот број производи, ќе можеме едноставно да ја лиценцираме или купиме скицата онлајн и да си го отпечатиме производот дома.

Генерално може да се каже дека домашните 3D принтери напредуваат особено брзо, со тоа што принтер каков што пред 2 години бил 2-3000$, денеска може да се најде за 500$, а оној тип принтер кој пред 2 години постоел само во професионални работилници и чинел 10,000$ денеска може да се најде во обични продавници за електроника за “само” 1-2000$.

Ако тоа не е доволно возбудливо во однос на домашните 3D принтери, на почетокот на годинава дознавме дека почнува комерцијална продажба на 3D Нано-Принтери (линк 1, линк 2) – значи е само прашање на време пред да слушнеме објава и за домашен нано-3D принтер.

3D Принтерите Веќе Успешно Револуционизираат и Голем Број Индустрии

Еднa од најраните употреби за 3D принтерите беше во индустријата и впрочем првите 3D принтери во 80-тите се користеа за правење на пластични макети во просецот на развивање физички производи. Беа потребни околу 3 декади додека да адитивниот процес стане доволно добар за производство на крајни производи (а не само макети).

Во Декември Siemens објави дека ќе почнат со 3D печатење на резервни метални делови за некои од своите индустриски производи, објаснувајќи дека адитивниот процес ќе им овозможи да го забрзаат процесот на производство, при тоа намалувајќи ги трошоците.

Покрај Siemens интерес во оваа технологија изразија и голем број други индустриски гиганти, па така на пример Generic Electric објави дека до 2016-та очекуваат да почнат со масовно печатење на резервни делови за авиони.

Rolls-Royce (кои се исто така присутни во авионското производство) најавија дека ќе почнат со користење на 3D печатење за производство на делови за млазни авиони.

 

Претходна статијаТехнологија за лебдење на објекти преку акустични бранови
Следна статијаSharp претстави 85 инчен телевизор со 8К резолуција