Еден од кинеските производители кој остана верен на купувачите со поплиток џеб, ZTE, го лансираше својот нов паметен телефон од средно – високата клас, кој има многу солидни спецификации и цена која може да засрами и многу поскапи модели.
Се работи за 5 инчен смартфон со метална рамка и 2.5 стакло во предниот, како и стакло, метал или дрво во задниот дел и дизајн кој наликува на постарите iPhone-и. Дисплејот има Full HD резолуција од 1920х1080 пиксели, што е прилично задоволително со оглед на ниската цена.
Во внатрешноста е вграден Snapdragon 617 процесорот на Qualcomm, помогнат од 3 GB рам меморија и импресивен простор од 64 GB. Ова значи дека перформансите ќе бидат многу солидни, иако не треба да очекувате 3D гејминг на нивото на конкурентите од високата класа. Батеријата има капацитет од 2.800 mAh, што не е особено импресивно, но веројатно доволно за траење од еден ден.
ZTE е особено горд на задната камера, која го има истиот сензор од 16 мегапиксели на Sony кој се вградува и во Xiaomi Mi 5 и кој се покажа како прилично способен. Поради изборот на процесорот, максималната резолуција на видеото е сепак само Full HD.
Предната камера пак има одлични 8 мегапиксели и прилично широка леќа од 80 степени, која лесно ќе може да фати и неколку луѓе дури и ако не фотографирате со селфи стик. Како и скоро сите Android паметни телефони од Кина и овој има читач за отпечатоци на прстите во задниот дел.
Цената на ZTE Nubia Z11 Mini ќе е сигурно неговиот најголем адут – во Европа ќе изнесува 205 евра, што е навистина поволно за смартфон со вакви перформанси. Телефонот доаѓа со вграден Android Lollipop 5.1, без најави дека ќе има надградба на Marshmallow.
Извор: GSM Arena, NDTV, Android Authority