До пред неколку години, Кинезите беа тие кои фалсификуваа секакви типови на електронски уреди (сѐ уште прават копии на дизајни од автомобили од етаблираните производители), но праксата почна да се менува. Имено, шпанска компанија која продавала паметни телефони на домашниот пазар, всушност ребрендирала телефони на Xiaomi и тоа најверојатно без согласност од кинескиот бренд.
Ова инаку го имаат откриено неколку корисници кои го купиле телефонот и потоа го растуриле, за внатре да видат дека се работи за телефон од Xiaomi (дури и го има Mi логото како што може да се види на фотографиите). Најинтересно од се е што компанијата ги продавала уредите како „убијци“ на iPhone, иако се работи за уреди од пониската класа.
Секако, за да може да направи пари од телефоните, Zetta драматично ги покачила цените – Xiaomi Redmi 2 чини 90 евра, но тие ребрендиран го продавале за дури 175 евра, додека Xiaomi Redmi Note 2 кој чини 160 евра го продавале за 235 евра. Добар бизнис, нема што.
Корисниците се секако бесни – испаѓа дека платиле многу повеќе за телефон кој можеле да го купат од Xiaomi. Од Zetta се правдаат дека тие тесно работат со кинески компании за споделување технологија, но од Xiaomi пак велат дека тие воопшто немале соработка со таква компанија. Во превод, шпанскиот производител ги фалсификувал смартфоните.
Шпанските власти веќе имаат почнато истрага за случајот и најверојатно компанијата ќе добие тужба за измама. Подолу има и видео во кое основачот на компанијата дури и објаснува како ги развивале телефоните и никаде не спомнува Xiaomi…
Поука? Веројатно да почнеме повеќе да им веруваме на кинеските производители – Шпанците добро се излажале мислејќи дека купуваат свој, европски бренд.
Извор: The Next Web, IBT, Yahoo