Колку и да е чудно на поголемиот дел од нашите читатели, фанови на Windows Mobile (Phone) платформата сѐ уште има во прилично голем број и тие очекуваат нови модели на пазарот. Факт е и дека такви модели се вистинска реткост – дури и Microsoft се откажа од производство и развој на ваквите телефони.

Сепак, на спас доаѓаат TrekStor и Willeyfox, две мали компании кои се одлучија да лансираат Windows 10 Mobile смартфони и покрај тоа што пазарот вели дека можат да успеат само со Android.

Германската компанија TrekStor го има подобриот модел, со 5 инчен HD дисплеј, Snapdragon 617 процесор, 3 GB рам меморија и 16 GB простор со можност за проширување преку micro SD картичка. Ова не се лоши спецификации, но дефинитивно лоша е цената од околу 300 евра за телефонот. За истите пари може да се купи подобро опремен Android смартфон, кој воедно ќе има и повеќе апликации. Од компанијата сепак велат дека телефонот е насочен кон бизнис светот и е направен со цел да се испита пазарот и дали воопшто ќе има интерес од компаниите за овој телефон. Јас лично велам дека нема да има.

Смартфонот на Wileyfox пак има смешно слаби спецификации. Процесорот е Snapdragon 210 со 2 GB рам, додека камерите имаат 8 и 2 мегапиксели, што е доволно за да треба да го избегнете, особено што цената е 250 евра. Повторно и оваа компанија се надева на бизнис корисниците и компаниите, благодарение на повисоката безбедност на Windows 10 Mobile во однос на Android, но повторно мислам дека никој со малку ум нема да потроши толку големи средства на толку слаб смартфон.

Да, TrekStor и Wileyfox можеби одлучија да лансираат нови Windows 10 Mobile смартфони, но фановите на оваа платформа реално немаат за што да се радуваат, бидејќи според она што го нудат овие два смартфони, тоа ќе бидат залудно потрошени пари.

Извор: ZDNet, Windows Report, Windows Central

Претходна статијаНов циклус на инфо денови на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност
Следна статијаNissan го претставува новиот електричен и полуавтономен Leaf