После многу поминати гласини, слики, информации и чекање, вечерва Samsung конечно го претстави Galaxy S5. Како и што беше најавено новиот модел го претстави на Unpacked5 настанот кој се одржа во рамките на MWC 2014 на кој што покрај новиот мобилен, ги претстави веќе познатите Galaxy Gear 2 и Gear 2 Neo паметни часовници, како и Gear Fit помалиот часовник наменет за фитнес корисниците. Од настанот што беше пренесуван во живо може да се види дека акцентот овој пат беше ставен на фитнес можностите на претставените уреди.
Пред да ви ги претставиме новите карактеристики да нагласиме дека голем број од гласините се покажаа како неточни, конкретно металниот дизајн кој што би имал правоаголна форма. Исто така екранот се очекуваше да биде со QHD резолуција, меѓутоа како што беше нагласено од одредени извори, сепак S5 има Full HD екран.
Кога ќе го погледнете телефонот од предната страна, можеби нема веднаш да препознаете дека се работи за нов телефон. Дизајнот не е целосно нов, како што беше најавувано, па може да се каже дека е скоро ист како на S4 моделот. Исто така S5 го задржува препознатливиот заоблен на ќошевите дизајн со пластична рамка која што е направена да личи на метал. Задната страна овој пат е направена од оној познат мек материјал, односно soft touch, кој што се користи во уредите како на пример Nexus 7 таблетот. Без разлика на другите карактеристики поврзани со дизајнот, задната страна дефинитивно претставува подобрување од сјајната пластика користена во претходните модели.
Иако на прв поглед не делува како голем напредок од претходниот модел (ние се надевавме на нешто повеќе), сепак Galaxy S5 донесува интересни нови функции и можности. Така на задната страна веднаш до камерата, која што сега е со 16 мегапиксели, поставен е сензор кој што го мери вашиот пулс. Тој работи на допир, односно го поставувате прстот на него, се вклучува сијаличка која што ви покажува дека мерењето е започнато и ги добивате резултатите преку специјализираната апликација.
Galaxy S5 доаѓа и со една интересна можност, односно тој е отпорен на вода и прашина. Се разбира тоа не значи дека наредното лето ќе може да го земете со вас во вода, меѓутоа добро ќе се најде оваа можност за тие што знаат од време на време случајно да го испуштат телефонот, па некогаш тоа да биде во вода.
Друга интересна функција на S5-ката е Ultra Power Saving Mode, односно режимот за заштеда на енергија. Кога ќе се најдете во ситуација да вашата батерија е скоро при крај, а не сте во близина на извор на струја, со вклучување на овој режим, екранот ги исклучува сите бои, односно почнува да работи во црно бел режим и сите позадински функции и процеси се исклучуваат, освен се разбира можноста за примање и правење на повици и добивање на SMS пораки. Според Samsung со вклучување на овој режим кога телефонот е на 10% од батеријата, истиот може да издржи уште цели 24 часа во standby состојба, односно заклучен и без користење.
Galaxy S5 доаѓа и со веќе популарниот и очекуван сензор за отисоци на прсти, кој што се наоѓа на предното home копче. Користејќи го овој сензор можете да отклучувате одредени функции, да го отклучите телефонот, да плаќате преку интернет и слично. Користејќи го овој сензор можете да пристапите до Private mode, односно приватниот режим на работа, преку кој што можете да заклучите одредени работи, како слики на пример, па само вие да може да пристапите до нив.
Една од интересните функции претставени на презентацијата беше можноста наречена Download Bооster, наменета за забрзување на симнувањето на податоци на телефонот преку паралелно користење на Wi-Fi и LTE конекцијата.
Samsung Galaxy S5 карактеристики
Екран | 5.1 инчен Super AMOLED, Full HD (1920 x 1080), 432 ppi |
Процесор | 2.5GHz Snapdragon 800 Adreno 330 |
RAM Меморија | 2GB |
Надворешна меморија | 16GB/32GB |
Батерија | 2800 mAh |
Камера | 16 MP задна LED flash со ISOCELL и 4K снимање (ограничено на 5 мин) 2.1 MP предна |
Мрежно поврзување | 3G, LTE Cat. 3 2X2 MIMO |
Поврзување | GPS, GLONASS, microUSB, Wi-Fi a/b/g/n, Bluetooth 4.0 LE |
Димензии | 142 x 72.5 x 8.1 mm, 145 грама |
Бои | Црна, бела, сина и златна |
Водоотпорност | Во согласност IP67 - USB порта покриена со пластично капаче |
Оперативен систем | Android 4.4 |
Сликите се превземени од: The Verge